С. Македонија започнува преговори со ЕУ, едногласно одлучи Европскиот Совет

Европскиот Совет се согласи да ги започне преговорите со Северна Македонија и Албанија едногласно заклучиле денеска министрите за надворешни работи на членките на Европската Унија.

„Во исклучително тежок момент за нашата држава, за Европа и за целиот свет, денес од Брисел ни пристигна убава и долгоочекувана вест. Република Северна Македонија ги започнува преговорите за членство во Европската Унија. Стигна верификацијата за успехот на нашите напори. За истрајноста, капацитетите и политичката волја на нашите институции да ги спроведат реформите кои ги поставивме како наша цел уште во 2017 година. Успешните реформи ја кренаа бариерата. Патот ни е отворен и единствената насока е само напред. Стигнавме до точката каде се гледа дека нашата перспектива е во ЕУ. Тоа е точка од која враќање назад нема“, рече Премиерот Оливер Спасовски.

Усвоената одлука на Советот поставува услови кои двете земји ќе мора да ги исполнат пред одржување на таканаречената „меѓувладина конференција“ со која официјално започнуваат преговорите. Акцентот е ставен на новата методологија која ќе се користи за преговарачкиот процес. Според документот, ЕУ проширувањето „ќе биде предмет на засилено политичко управување базирано на објективни критериуми и услови, но и реверзибилност на целиот процес“.

„Кога пред три години го почнавме овој пат, иако со изразен ентузијазам, морам да признаам дека не бевме целосно убедени дека овој момент ќе дојде. По 20 години процес на стабилизација и асоцијација, 15 години во чекалната како земја-кандидат, од денес влегуваме во последната фаза од остварување на сонот од самата независност на државата за членство во ЕУ“, рече Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

„Отсега натаму и ние ќе имаме почетна точка од која ќе го мериме времето. Откога започнуваме позитивен натпревар со останатите во спроведувањето на реформите и во освојувањето на европските стандарди. И досега, но отсега па натаму уште повеќе, од нас зависи. Би сакал вам, на граѓаните на нашата република, од срце да ви честитам за успехот, но и да ве потсетам. Одлуката на Советот не дојде лесно, ниту пак ни е подарена. Ние и вие, заедно, со макотрпна работа и жртвување ја одработивме и заслуживме шансата да покажеме дека му припаѓаме на европското семејство“, рече Министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

„Бидна! Патот кој го почнавме пред многу години, со брдо ентузијазам, многу љубов и работа за татковината, стигна до првата цел: почеток на преговори со Европската Унија. Честитки до сите наши граѓани. Неверојатна чест ми е што учествував во двата наши големи успеси: во далечната 2005, како и денес“, напиша на Фејсбук Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска.

„Многу сум задоволен што земјите членки на ЕУ денеска постигнаа договор за почеток на преговори со Албанија и Северна Македонија. Со целото мое срце им честитан на двете земји. Исто така, ова испраќа гласна и јасна порака до Западниот Балкан: Вашата иднина е во ЕУ“, напиша на социјалните мрежи Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

„Добри вести во овие тмурни времиња – конечно зелено светло за почеток на преговори со С. Македонија и Албанија. Вин-вин за ЕУ и Западниот Балкан. Честитки за Тирана и Скопје, целосно заслужено“, напиша на Твитер германскиот Министер за Европа, Михаел Рот.

„Европскиот Совет успеа да одговори на очекувањата од земјите на Западниот Балкан и нивните граѓани, кои долго чекаа нешто позитивно да се случи. Чекорот е уште позначаен  сега. Не затоа што го надминуваме разочарувањето од одлуката на Советот во октомври, туку бидејќи Европа и светот сега се во ситуација како никогаш претходно. Зеленото светло за почеток на пристапни преговори со С. Македонија и Албанија покажува дека Европа може да носи одлуки во време на криза“, изјави известувачот за С. Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук.