С. Македонија со напредок од три места во слободата на медиумите според Репортери без граници

Северна Македонија се наоѓа на 92-то место од 180 светски држави според последниот Индекс на слободата на медиумите на Репортери без граници за 2020 година. Во споредба со лани државата има напредок од три места и се наоѓа во група на држави заедно со Србија, Молдавија, Перу и Унгарија.

И покрај напредокот, земјава сè уште се наоѓа во полошата половина на државите од регионот според слободата на медиумите. Најслободни медиуми во регионот има Словенија (32), а подобро пласирани од С. Македонија се и Босна и Херцеговина (58) и Хрватска (59), Грција (65), Косово (70) и Албанија (84). Во соседството единствено полошо позиционирани од земјава се Србија (93-то место), Црна Гора (105) и Бугарија (111 место).

С. Македонија во минатогодишниот извештај имаше скок од дури 14 места, од 109-то на 95-то место. Најлош пласман според Репортери без граници државава имаше во 2014 година (123 место), додека во 2009 година беше на високото 32-ро место во светот, што е највисок пласман според овој извештај.

Во извештајот за Северна Македонија од Репортери без граници ги истакнуваат како „револуционерни постигнувања“ Регистарот на професионални онлајн медиуми на Советот за етика на медиумите во Македонија како и потпишувањето на Повелбата за услови за работа на новинарите и фер нацрт-договорите за вработување новинари и медиумски работници во дигиталните медиуми кои ги презентираше Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија.

Во извештајот се потенцира и дека е намален бројот на физички напади врз новинари, но дека расте праксата на сајбер-малтретирање и вербални напади кон медиумски работници.

„Сегашната власт го прекина рекламирањето во медиумите, кое беше моќна алатка на претходната влада за контрола на медиумите и злоупотреба на јавни пари. Сепак, локалните власти и понатаму имаат можност да се рекламираат на локалните медиуми и тоа продолжува да претставува алатка за притисок. Постоеше и потенцијално ризичен потег на владејачката партија преку платени реклами во медиумите да ги истакнува достигнувањата на власта. Таа намера беше осудена од Здружението на новинарите на Македонија“, се наведува во извештајот.

Овогодишниот глобален извештај на Репортери без граници ги анализира предизвиците на новинарите во ерата на пандемијата со коронавирусот, наведувајќи дека следните десет години несомнено ќе бидат „решавачка деценија“ за слободата на медиумите. Во извештајот тие заклучуваат дека постои јасна поврзаност помеѓу задушувањето на медиумските слободи при одговорот на пандемијата и позиционираноста на земјата според нивниот индекс. Како пример се издвојуваат Кина (177-ма на листата) и Иран (173-та) кои широко ги цензурирале вестите околу избивањето на коронавирусот.

„Јавно-здравствената криза овозможи авторитарните влади да имаат можност да ја имплементираат озлогласената „шок доктрина“. Да профитираат од фактот дека политиката е запрена, јавноста е шокирана, а протестите не се дозволени, за да воведат мерки кои би биле невозможни во нормални времиња. За оваа клучна декада да не биде ужасна, луѓето со добра волја, кои и да се тие, мора да се заложат новинарите да можат да ја исполнат својата улога во општеството, како трета страна од доверба“, вели генералниот секретар на Репортери без граници, Кристоф Делор.

Скандинавија има убедливо најслободни медиуми. Норвешка оваа година се наоѓа на првото место според индексот, а во првите пет се уште и Финска, Данска, Шведска и Холандија.

На дното на листата, на последното 180-то место е Северна Кореја, додека во најлошите пет се уште и Туркменистан, Еритреја, Кина и Џибути.