С.Македонија седма на Глобалниот индекс на политика за дроги – Ова не е добро постигнување според ХОПС

Република Северна Македонија е рангирана на седмо место во првото издание на Глобалниот индекс на политика за дроги кој беше објавен во ноември, а со него беа опфатени вкупно 30 земји.

Пред нас се Грузија на шесто место со ист број на бодови, потоа Канада, Австралија, Велика Британија, Португалија, Нов Зеланд и Норвешка на прво место. Од европските земји кои се полошо оценети од Македонија се Унгарија на 12 место и Русија на 20 место.

„Ова седмо место не треба да се гледа како успех за Северна Македонија која беше оценета со 55 од 100 можни бодови. Во секој учебник, индексот 55 не се оценува како добро постигнување. Посебно ако се земе во предвид и друштвото односно групата на земји кои беа оценувани од  кои поголемиот дел се познати по своите лоши политики за дроги. Овој индекс треба да се чита во насока дека македонската влада и институции имаат уште многу работа за креирање на соодветна политика за дроги која ќе се базира на здравјето и човековите права “ велат од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.

Индексот покажува дека најголем број од земјите во светот не успеале своите национални политики за дроги да ги усогласат со препораките на  Обединети Нации. Тие упатуваат итен апел до владите, реформите во оваа област да бидат нивен приоритет.

За ХОПС е загрижувачки тоа што во податоците на Индексот се нагласени широко распространетите прекршувања на човековите права направени во име на контрола на дрогата во рамките на казнено-правниот апарат, вклучително и насилство и тортура извршени од полицијата и произволни апсења и притворања, при што само мал број земји известиле дека тоа се ретки појави.

„Во Авганистан, Кенија и Киргистан, на пример, насилството од страна на полицијата се смета за широко распространето во напорите за контрола на дрогата, додека тоа се смета за ретка (или многу ретка) појава во само 6 земји (Костарика, Унгарија, Нов Зеланд, Северна Македонија, Норвешка и Обединетото Кралство). Слично на тоа, случаите на произволно притворање се сметаат за ретки во само 3 од 30-те испитани земји: Нов Зеланд, Португалија и Обединетото Кралство“, истакнуваат од ХОПС.

Во однос на правото на правично судење за лицата осомничени за прекршоци поврзани со дрога, можноста да им се гарантира фер судење се смета за неверојатна во Авганистан, а Северна Македонија е во групата од 12 земји со значителни ограничувања во пристапот до правично судење: Грузија, Гана, Кенија, Киргистан, Мексико, Мароко, Мозамбик, Непал, Северна Македонија, Русија, Тајланд и Уганда.

Пристапот до правично судење се смета за гарантиран само во седум земји: Австралија, Канада, Костарика, Нов Зеланд, Норвешка, Португалија и Обединетото Кралство.

Дополнително, Индексот ги оценува достигнувањата на владите во однос на достапноста и употребата на алтернативи за апсење, обвинување, осудување и/или казнување за дела поврзани со дрога. Па така, Австралија, Јамајка, Нов Зеланд, Северна Македонија и Португалија имаат највисоки оценки (85/100) во обезбедувањето алтернативи за апсење, обвинување, осудување и/или казнување, а најниско рангирани се Колумбија, Грузија, Кенија, Мароко, Мозамбик и Уганда.

Само девет земји, вклучително и Северна Македонија (Австралија, Костарика, Јамајка, Киргистан, Мексико, Нов Зеланд, Северна Македонија, Португалија и Русија) понудиле алтернативи во сите три фази (апсење, обвинување, осудување и/или казнување).

Уште позагрижувачки за ХОПС е тоа што само 11 земји нудат низа опции за третман врз основа на потребите и претпочитувањата на луѓето (Авганистан, Австралија, Канада, Гана, Унгарија, Јамајка, Нов Зеланд, Северна Македонија, Португалија, Сенегал и Обединетото Кралство).

Покрај ова, само Канада има одредба за спроведување на програми за размена на стерилни  игли и шприцеви во затворски услови, иако покриеноста е многу ограничена.

15 од 30-те испитани земји обезбедуваат ОАТ (Третман за одржување со опиоидни агонисти) во затворите, но во пракса само 3 земји (Северна Македонија, Португалија и Обединетото Кралство) имаат обезбедено пристап до Третман за одржување со опиоидни агонисти за повеќе од 40% од луѓето кои се корисници на дроги во затвор, забележуваат од ХОПС.

Глобалниот индекс на политика за дроги е објавен од страна на Конзорциумот за намалување штети (Harm Reduction Consortium), што претставува коалиција на граѓански и здруженија од заедницата, во партнерство со академици. Во него, покрај статистички податоци дополнително се вклучени и вистински, животни приказни.

Извештајот за Северна Македонија е достапен ТУКА.