С. Македонија се подготвува за можна бегалска криза – над милион Украинци ја напуштија земјата

Додека во бројни градови низ Украина има воздушни напади, а во земјата има воена мобилизација на мажи од 18 до 60 години, над 1.2 милион луѓе, главно жени и деца избегаа од Украина и веќе се упатија кон соседните држави да најдат прибежиште. Иако Северна Македонија барем засега не е на нивната рута, надлежните се подготвуваат за евентуален бран бегалци.

Засега во земјава имаат дојдено само мал број Украинци кај своите роднини и пријатели, вели за Радио МОФ, Олександр Урбанович, од Здружението на Украинци „Лесја Украинка“. Тој посочува дека земјава нема официјален став дека прима бегалци од Украина и тоа, според него, значи дека нема никакви правни услови за нивен престој, односно тие ќе можат да престојуваат како туристи.

Моментално рокот за привремен престој на Украинците во Македонија поради ситуацијава е продолжен над 90 дена, како што било вообичаено“, вели Урбанович.

Во меѓувреме, вели дека знае многу луѓе, познаници или роднини на луѓе од украинската дијаспора кои сакаат да се засолнат тука, но додава дека немаат можност да излезат од своите градови, бидејќи се отсечени од патот за евакуација.

„Руската војска не отвора зелени коридори за да им дозволи на жените и децата да излезат. Поконкретно, денес зборував со луѓе од Запорошката област, каде малите градови се веќе окупирани од руските трупи, кои не ги пуштаат да излезат од градот, ниту дозволуваат да им се достави храна и други најпотребни работи“, тврди Урбанович.

Македонските власти претходно ги задолжија институциите во најбрзо време да информираат за расположливите државни сместувачки капацитети, со цел да бидат подготвени за бран бегалци. На украинските државјани кои поради безбедносната состојба не се во можност да се вратат во Украина, а кои се затекнати во земјава ќе им се овозможи продолжување на престојот, потенцираа од Владата.

Во меѓувреме, според последните информации на Министерството за надворешни работи (МНР), во Украина сè уште има македонски државјани, откако претходно околу 50 државјани ја напуштиле земјата.

„Педесет се сѐ уште на украинска територија како и нивни членови на семејство – украински државјани. Од нив, 25 ги имаат напуштено резидентните места, и во моментов се упатени низ утврдени безбедносни коридори. Нивното движење постојано го следиме сѐ до нивното напуштање на земјата, а потoа, нашите амбасади и конзулати од соседните земји ги преземаат сите активности за нивен безбеден трансфер назад кон земјава. Информираме дека секое движење низ Украина е сериозно отежнато, се одвива по споредни рути кои се преполни, и оттука движењето е бавно“, соопштија вчера од МНР.

За таа цел, МНР најави и испраќање дипломатска екипа во земјата, во состав на актуелниот амбасадор Крум Ефремов и уште еден конзуларен работник, кои ќе го водат процесот на терен при асистирањето на евакуацијата на македонските државјани.

Најголема бегалска криза во Европа во овој век?

Бројката на бегалци не престанува да расте, а соседните држави досега ги задржале своите граници отворени за бегалците од Украина, вели во изјава за Радио МОФ Љубинка Брашнарска од УНХЦР. Повеќето од бегалците преминале во соседните држави како Полска, Унгарија, Молдавија, Словачка и Украина, а околу 8.4% од нив кон други европски држави. Истовремено, има и голем број луѓе кои преминале во Руската Федерација.

„Со овој степен на раселување, доколку нема деескалација на воените дејства, ситуацијата се развива да стане огромна бегалска криза, па дури и најголемата бегалска криза во Европа во овој век“, посочува таа.

Истовремено, Брашнарска во однос на активностите на Владата, вели дека стојат на располагање во рамки на нивниот мандат да понудат помош на државата во обезбедување помош и заштита за можни украински бегалци во Северна Македонија.

„Досега не е побарана конкретна помош, но остануваме во контакт и на располагање на државните власти. Според информациите кои се достапни на УНХЦР, досега нема пристигнувања на бегалци од Украина во земјата“, истакна Брашнарска.

Таа вели дека УНХЦР бара од владите да продолжат да го одржуваат пристапот до територија за сите кои бегаат, односно за Украинците, како и државјани на трети држави кои живеат во Украина, а се приморани да избегаат од насилство.

Мапа на УНХЦР на која се прикажува каде бегаат украинските државјани

„Нагласуваме дека не смее да има дискриминација кон ниту еден поединец или група. УНХЦР прави сè во нашата моќ да избегнеме хуманитарна криза во Украина. Присутни сме на терен и во Украина и во соседните држави. Внатре во Украина, работиме со сите засегнати страни во општеството вклучувајќи ги и внатрешно раселените лица, спроведуваме проценки на ситуацијата и планираме одговор. Подготвени сме да обезбедуваме хуманитарна помош каде и да имаме пристап. За таа цел, безбедноста и пристапот на хуманитарните напори мора да бидат гарантирани“, вели Брашнарска.

„Исто така, работиме со владите во соседните држави и ги повикуваме да ги задржат границите отворени за сите луѓе кои бараат безбедност и заштита. Исто така, обезбедуваме поддршка за соседните држави кои ги примаат бегалците. Вчера пристигна првата пратка со околу 8.000 ќебиња кои УНХЦР ги испрати за Молдавија“, додава таа.

Доколку не сопрат воените акции и ситуацијата продолжи да ескалира, Брашнарска е децидна дека тогаш ќе биде потребна и поголема меѓународна солидарност, а не само од соседните држави.

Тешко е да се зборува за идни сценарија, вели Брашнарска, но додава дека може да се заклучи од претходни ситуации на раселување, дека најголемиот дел од бегалците остануваат во соседните држави со цел да можат брзо да се вратат штом повторно се воспостави мир и штом се почувствуваат безбедни да се вратат во својата земја.

„Што подолго трае една состојба на раселеност, особено доколку нема доволно можности за интеграција и целосно продолжување на животот на бегалците – со образование, работа, вклученост и придонес кон заедницата – тоа поголеми се шансите за нив да заминат во друга држава. Секако, солидарноста на домашните населенија е клучен фактор за добросостојбата на бегалците кои побегнале и со себе носат длабоки трауми. Дополнително, за очекување е бегалците да заминат во држави каде тие имаат веќе изградени мрежи за поддршка, каде имаат членови на семејства или пријатели, и ниедна држава во светот не е исклучок од такви движења“, објаснува Брашнарска.

Солидарноста се шири низ светот

Во скопската населба Ѓорче Петров веќе од 1 март е отворен пункт за собирање хуманитарна помош за Украина, пунктот работи од 10 до 19 часот секој работен ден, како и од 10 до 14 часот во сабота. Општина Делчево која е збратимена со општините Вишгород и Тернопил исто така започна со акција за собирање хуманитарна помош за граѓаните на Украина. Таму, пунктот е отворен од 10 до 16 часот, до 6 март.

Урбанович вели дека на скопскиот пункт има голем одзив на фирми, како и дека неколку камиони со вода и хуманитарна помош се веќе на пат кон тие на кого најмногу им е потребна.

Пунктот во Ѓорче Петров

„Планираме да отвориме уште неколку точки за собирање помош. Секојдневно добиваме апел од своите блиски, кои се заробени во мали и милионски украински градови на Украина без дотур на храна. Да не зборуваме за лекови, особено за тие кои бараат редовна терапија. Некои региони буквално се на раб од хуманитарна катастрофа. Многу сме благодарни на секоја помош и на секој добар потег во овие најцрни за Украина времиња. Никогаш нема да заборавиме, дека луѓето во Македонија толку ни помагаат“, вели тој.

Помош прибира и Црвениот крст кој отвори телефонски број (143-400) на кој со секое вртење може да се донираат 100 денари. Претходно како солидарна помош за настраданото население, Црвениот крст издвои и 10.000 евра кои беа префрлени на украинскиот Црвен крст.

Откако започна инвазијата на Украина, ширум Европа и светот се проширија различни иницијативи за помош на бегалците, како и на населението во Украина.

Бегалската криза беше повод за што побрзо да се изнајде решение за маките на бегалците. Па покрај многубројните ресурси за нивна помош, проциркулираа и веб-страници на кои директно може да се понуди помош за сместување, но и самите Украинци да најдат дом среде кризата.

Сместување, помош и засолниште за Украина“ е една од Фејсбук групите која за брзо време достигна бројка од над 15.000 членови. Таму Украинци постојано бараат помош за сместување. Една од нив е и Марија, која бара место за живеење, заедно со нејзината 14-годишна ќерка. „Имаме возило. Моментално сме во Унгарија, и подготвени сме дојдеме во било кој град“, пишува Марија во нејзината објава.

„Повеќе од добредојдени сте да дојдете во Атина! Имам соба и простор за двајца“, „Ако сакате да дојдете во Софија, Бугарија, моите родители имаат резервна соба во убав стан со сè што може да ви треба“, „Добредојдени сте да седите со нас во Ирска“, пак се дел од одговорите на стотина луѓе кои коментирале.

Помош за сместување се нуди и преку веб-страницата „EU4UA“, која е прилично едноставна за користење. Преку неа може да се изберат две опции „Јас сум бегалец“, „Јас сум домаќин“.

Со користење на овие две опции, потоа се поврзуваат луѓето желни да помогнат и бегалците од Украина.

„Нашата цел е да ги поврземе украинските бегалци со европските семејства кои се подготвени да ја споделат својата куќа или празната куќа што ја поседуваат. Во Европската Унија има 11 милиони празни станови/куќи и многу семејства имаат резервни спални соби! Дојде време за споделување, пред да нема што да се сподели“, пишува во основните информации за оваа веб-платформа.

Иста е целта и на платформата „Шелтер за Украина“ каде е поставена и интерактивна мапа на која бегалците може да одберат место за живеење. Луѓе кои понудиле сместување пак, има речиси на сите континенти.

И додека веќе деветти ден траат борбите, а бројот на бегалци се зголемува, бројни земји, но и меѓународни тела ја осудија руската инвазија и повикаа на прекин на воените активности, предупредувајќи на последиците по светот.

Мартин Колоски

Објавата е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.