Рускиот виолинист Максим Венгеров вечерва го затвора музичкиот дел на „Охридско лето“

Музичката програма на годинашното јубилејно 55-то издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде заокружена со вечерашниот концерт на рускиот виртуоз на виолината – маестро Максим Венгеров, во пијано придружба на ерменскиот уметник Ваг Папијан.

Венгеров, инаку добитник на Греми наградата кој важи за еден од најдинамичните изведувачи во светот, има настапувано низ целиот свет заедно со најпрестижните оркестри и диригенти, со одржани соло рецитали на виолина во речиси сите познати светски музички центри.

Својата кариера ја започнал како соло виолинист на пет годишна возраст, со победи на меѓународните натпревари „Виењавски“ и „Карл Флеш“ на десет и на 15-годишна возраст. Студирал со Галина Турчанинова и Захар Брон, првиот запис го остварил на десет години, за да продолжи да снима за еминентни музички куќи како „Мелодиа“, „Телдец“ и „ЕМИ“, освојувајќи ги меѓу другите Греми-наградата и Грамофон наградата за артист на годината.

Во 2007 продолжил по стапките на својот ментор Мстислав Ростопович и се посветил на диригирањето и оттогаш диригира со позначајните оркестри низ светот. Во 2010 година беше назначен за диригент на „Гштад“-фестивалскиот оркестар, а во јуни 2014 специјализирал на Московскиот институт „Иполитов-Иванов“ во класата на професорот Јури Симонов. Комбинирајќи ги двете пасии – изведување и диригирање, господин Венгеров влегува како постојан артист во Оксфордскиот оркестар со кој ја снимил верзијата од 1903 на Виолинскиот концерт на Сибелиус, Виолинскиот концерт на Брамс и Шкотска симфонија на Менделсон.

Венгеров е првиот уметник во класичната музика назначен за Интернационален амбасадор на добрата волја од страна на УНИЦЕФ. Маестро Венгеров инаку свири на Страдивари виолина која му припаѓала на Кројцер (1727).

Пијанистот Ваг Папиан својат музичка кариера ја започнува во 1979 година, кога победува на Интернационалниот натпревар „Виана да Мота“ во Лисабон. Потоа започнува да настапува на сите поголеми сцени во Русија, но и надвор од неа. Во 1982 бил примен на државниот Конзерваториум во Санкт Петербург, отсек диригирање и од тој момент соработува со голем број реномирани оркестри вклучувајќи го и Израелскиот симфониски оркестар, Московскиот симфониски оркестар, Англискиот камерен оркестар и многу други. Во моментов е диригент во Националниот Опера Театар во Ерменија и е професор на Музичката академија во Тел Авив.

Концертот предвиден за претпоследниот ден од „Охридско лето“ ќе се одржи во црквата „Света Софија“, со почеток во стандардниот термин од 21 часот. На програмата се дела на Бах, Прокофјев, Франк, Иаси, Ернст, Паганини, Росини.