Рускиот спектакл „Сталинград“ го отвора 17. Скопски филмски фестивал

Вкупно 60 филма во осум програми ќе бидат прикажани на претстојниот 17. Скопски филмски фестивал што ќе се одржи од 23 до 30 април.

Рускиот спектакл „Сталинград“ го отвора 17. Скопски филмски фестивал

Лукас Мудисон, Ким Ки-дук, Џиџ Џармуш, Мајкл Гондри, Серен Крег Јакобсон, Веико Оунпу, Фјодор Бондарчук, Улрих Зајдл, се само некои од понудените големи авторски имиња, пренесе МИА.

Фестивалот ќе се отвори со руската историска драма, воениот спектакл „Сталинград“ на Фјодор Бондарчук, снимен во најновата 3-Д Имакс технологија, а завршува со новиот филм на Ралф Фајнс „Невидливата жена“ кој ја раскажува приказната за тајната љубов на Чарлс Дикенс.

Главната програма носи осум филма, „Сликата што недостасува“ на Рити Пан од Камбоџа, мексиканскиот „Хели“, иранскиот „Манускриптите не горат“ на Мухамед Расулоф, грчкиот филм „Госпоѓица насилство“ на Александрос Авранас, индискиот „Ланчбокс“, „Ние сме најдобри“ на Лукас Мудисон, „Слободна зона“ на Веико Оунпу од Естонија, како и „Часот на рисот“ на Серен Крег Јакобсон кој се смета за еден од најконтроверзните. Три од нив имаа светски премиери на Канскиот фестивал.

Во Програмата на авторски филм прв е Ким Ки-дук со „Моебиус“ по кој следуваат неколку ексцентрични црни комедии и сатири, „Вештерките од Зугарамурди“, „Влажни места“, „9 месеци“, „Јас, лично јас и мајка ми“ „Дали човекот кој е висок е среќен“ и „Киднапирањето на Мишел Уелбек“.

Покрај овие две главни програми, фестивалот ќе понуди и „Ретроспектива“ на Џим Џармуш од шест филма меѓу кои „Постојан одмор“ (1980), „Почудно од рајот“ (1984), „Надвор од законот“ (1986), „Мистериозен воз“ (1989), „Ноќ на земјата“ (1991) и „Мртов човек“ (1995).

„Во фокусот“ годинава е австрискиот режисер Улрих Зајдл со неговата „Трилогија: Рај“ поделена на „Рај: Љубов“, „Рај: Верба“ и „Рај: Надеж“.

Програмата „Eye on films“ нуди четири дебитантски дела, „Луѓето таму“ на Аик Карапетијан од Латвија, италијанскиот „Утринска ѕвезда“ на Софи Блонди, францускиот „Интимна политика“ на Јамини Лила Кумар и холандскиот „Тивките“ на Рики Ринеке.

Програмата на кратки филмови содржи десет остварувања на тема „Секс и религија“.

Освен придружните програми, претставено ќе биде и новото во македонската продукција, но и она што допрва доаѓа.

Според организаторите, Скопскиот фестивал годинава ќе почне соработка со Факултетот за драмски уметности во чии рамки ќе бидат претставени 17 студентски филмови, 10 документарни и седум играни.