Руски весник пишува дека „жените треба да се горди на своите модринки“

Еден од најпопуларните весници во Русија им пренесува на жените читателки дека треба „да се гордеат со своите модринки“, откако државата делумно го декриминализираше семејното насилство.

Колумната, објавена во весникот Комсомолскаја Правда, била објавена откако рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој кривичното дело семејно насилство ќе биде казнето со помала казна.

Јарослав Коробатов, колумнист во весникот, вели: „Со години, жените кои биле тепани од своите сопрузи наоѓале утеха во лицемерната поговорка: „Ако те тепа, значи дека те сака!“.

„Сепак, нова научна студија им дава на жените со непоправливи сопрузи нова причина да се гордеат со своите модринки. Бидејќи, жените кои се тепани, потврдуваат биолозите, имаат многу поголем напредок: имаат многу поголема можност да родат машки деца!“.

Научната студија е всушност истражување на Сатоши Каназава, контроверзен еволутивен психолог.

Во 2005 година Каназава објавил текст насловен „Насилните мажи имаат повеќе синови“, а три години подоцна друг, насловен „Зошто тепаните жени остануваат?“. Во него, тврди дека „жените можеби се избрани да толерираат извесно ниво на насилство кое не е смртно од страна на нивните партнери“.

Тој тврди и дека африканските држави патат од сиромаштија поради „нискиот коефициент на интелигенција“, а дека црнките се „објективно помалку привлечни“.

Потегот делумно да се декриминализира семејното насилство во Русија предизвика негодување глобално. Претседателската одлука, според која нападот врз роднина или партнер нема да се смета за кривично дело, туку за граѓанско, предизвика страв во Русија дека ќе покаже дека насилството не е сериозен криминал.