Руски хакери објавија медицински досиеја на американски спортисти

Светската агенција за анти-допинг соопшти дека нејзината база на податоци била посетена од руска хакерска група, која објави доверливи медицински податоци на неколку американски спортисти на интернет.

Хакерската група, позната како Fancy Bear, ги објави податоците за четири американски олимписки спротистки – Серена и Венус Вилијамс, повеќекратната добитничка на златен медал за гимнастика Симон Бејлс и кошаркарката Елена дел Дон.

Хакерите објавија документи од ткн. „терапевтска употреба“, која им овозможува на спортисти да користат одредени забранети супстанци ако имаат медицинска причина за да го прават тоа. Групата соопшти дека наскоро ќе објават нови податоци.

Групата, која е исто така позната како Tsar Team, тврди дека овие податоци се доказ за допингување од страна на американските Олимпијци.

„По детално проучување на хакираната датабаза на Светската агенција за анти-допинг сфативме дека тестот на десетици американски спортисти бил позитивен“, се вели во соопштението на хакерската група.

„Медалистите од Олимписките игри во Рио редовно користеле недозволени силни лекови оправдано со сертификати за одобрение на терапевтска употреба. Со други зборови, тие добија лиценца за допинг“.

Од Агенцијата веднаш реагираа велејќи дека е незаконски да се користат доверливи медицински информации за да ги претстават спортистите како да направиле нешто лошо.

„Всушност, секој од спортистите има направено се како што треба за да се испочитуваат глобалните правила за добивање дозвола за користење на потребните лекови“, рече Тревис Тајгарт од Агенцијата за анти-допинг на Америка.

Агенцијата претходно предупреди дека може да биде мета на сајбер напади, откако нејзините инспектори открија дека Русија фаворизира допингување на спротистите за летните Олимписки игри.