Голем руски напад со дронови и ракети ја погоди источната украинска престолнина Харкив денеска, при што, според локалните власти, загинаа најмалку три лица, а 21 се повредени. Нападот — последен во низата речиси секојдневни обемни напади — вклучуваше и воздушни „глајд-бомби“, кои станаа дел од жестоката руска офанзива во војната што трае веќе три години, пренесува новинската агенција Асошиејтед Прес (АП).
Интензитетот на руските напади врз Украина во изминатите недели дополнително ги намали надежите дека завојуваните страни би можеле наскоро да постигнат мировен договор — особено по неочекуваниот напад на Киев со дронови врз руски воени аеродроми длабоко во територијата на Русија, што го засрами Кремљ.
Според украинските воздухопловни сили, Русија ноќта извршила напад со 215 ракети и дронови, од кои украинската противвоздушна одбрана соборила и неутрализирала 87 дронови и седум ракети.
Нападнати биле и други делови од Украина, вклучително и регионите Доњецк, Днипропетровск, Одеса, како и градот Тернопил, објави украинскиот заменик министер за надворешни работи Андриј Сибига.
„За да се стави крај на руските убиства и уништувања, потребен е поголем притисок врз Москва, како и дополнителни чекори за зајакнување на Украина“, напиша тој.
Од Москва засега нема официјален коментар за последниот напад.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека во нападите биле оштетени 18 станбени згради и 13 приватни куќи. Тој го опиша нападот како „најмоќниот“ врз градот од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Гувернерот на регионот Харков, Олег Синегубов, изјави дека две населби во градот биле погодени со три ракети, пет воздушни глајд-бомби и 48 дронови. Меѓу повредените имало и две деца — бебе и 14-годишно девојче.
Во јужната провинција Днипропетровск биле повредени две жени на возраст од 45 и 88 години, според локалниот гувернер Сергиј Лисак.
Руски гранати убиле и брачен пар на возраст од околу 50 години во јужниот град Херсон, кој се наоѓа блиску до фронтот, соопшти локалниот гувернер Олександр Прокудин.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили собориле 36 украински дронови во текот на ноќта, над јужна и западна Русија, вклучително и во близина на главниот град. Остатоци од дрон раниле две лица во московските предградија, изјави локалниот гувернер Андреј Воробјов.
Вчера, Русија нападнала шест украински региони, при што загинале најмалку шест лица, а околу 80 биле повредени. Меѓу загинатите имало тројца припадници на итните служби во Киев, едно лице во Луцк и две лица во Чернихив.
Американскиот дипломатски напор за постигнување договор донесе две рунди директни мировни преговори меѓу делегациите од Русија и Украина, но тие не донесоа значителен напредок. Страните и натаму имаат големи разлики во своите услови за прекин на борбите.
Украина понуди безусловен прекин на огнот во траење од 30 дена и средба меѓу нејзиниот претседател Володимир Зеленски и рускиот лидер Владимир Путин за да се надмине ќор-сокакот. Но Кремљ де факто го одби примирјето и не се откажува од своите барања.
Американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела изјави дека Путин му рекол оти Москва ќе одговори на украинскиот напад врз руските воени аеродроми минатиот викенд.
Трамп исто така рече дека можеби е подобро да се дозволи Украина и Русија „да се борат некое време“ пред да се интервенира за да се воспостави мир. Овие коментари претставуваат значаен отстап од неговите чести апели за прекин на војната, што сугерира дека можеби се откажува од неодамнешните мировни напори.