Руската полиција во акција за масовни претреси на домовите и канцеларии на опозициски активисти

Руските власти спроведоа масовни претреси во куќите и канцелариите на приврзаниците на опозиционерот Алексеј Навални, објави Гардијан.

Вакви претреси се спровеле во 39 градови во четвртокот, четири дена откако владејачката партија „Обединета Русија“ на Владимир Путин, изгуби третина од своите места во градското собрание во Москва.

Навални ги повика приврзаниците да гласаат тактички на минатонеделните локални и регионални избори, за да се обидат да ги намалат шансите на кандидатите поддржани од Кремљ, стратегија што се чини дека има успех во главниот град.

„Путин е многу лут. Ова е случај кога постапките на полицијата не се разликуваат од оние на провалниците“, напиша Навални на социјалните мрежи, по спроведените претреси.

Властите на активистите им рекле дека претресите се поврзани со истрагата за перење пари на Фондацијата за борба против корупцијата на Навални.

Сојузникот на Навални, Леонид Волков, објави список на места и градови каде биле таргетирани активисти.

„Вкупниот број претреси е над 150, а во рациите не се вклучени помалку од 1.000 полициски службеници“, напиша Волков на социјалните мрежи.

Тој ги поврза претресите со тактиката за гласање која ја објави Навални, и вели дека биле таргетирани живеалиштата на активистите, нивните семејства и регионалната канцеларија на движењето на Навални.