Руската полиција ги учи граѓаните како безбедно да прават „селфи“

Како одговор на се поголемиот број несреќни и смртни случаи предизвикани од невнимателно фотографирање, руското Министерство за внатрешни работи започна кампања во која им објаснува на граѓаните како да ги избегнат опасностите и да прават побезбедни „селфи“ фотографии.

Руската полиција ги учи граѓаните како безбедно да прават „селфи“

Кампањата е составена од видеоспотови, брошури и веб-страница, како и од постери во кои опасностите од ризичните фотографии се претставени како сообраќајни знаци. Полицијата ги повика и граѓаните да придонесат во кампањата со свои графички решенија.

Само во изминатата година, во Русија имало повеќе од 100 повредени граѓани и десетици смртни случаи предизвикани од ризично „селфи“ фотографирање. Во кампањата на руската полиција, се вели дека „’Селфи’ што мислите дека е’кул’ може да ве чини живот“.

Руската полиција ги учи граѓаните како безбедно да прават „селфи“

Во изминатите месеци, се појавија вести за низа несреќи предизвикани од невнимателно фотографирање на опасни места или во ризични ситуации. Во мај, 21-годишна девојка во Москва случајно се застрела себеси во главата додека правела „селфи“ држејќи пиштол. Таа преживеа, но со тешки повреди. Во јануари, пак, двајца млади луѓе загинаа на планината Урал, откако се сликале со рачна граната со извадена игла во рацете. Мобилниот телефон со фотографијата го „преживеал“ инцидентот за да посведочи за него. Во друг случај во мај, тинејџер во регионот Рјазан во Русија загина обидувајќи се да се фотографира себеси додека се качува по железнички мост. Момчето допрело жици под електричен напон на мостот.

Руската полиција ги учи граѓаните како безбедно да прават „селфи“

„За жал, забележуваме дека бројот на несреќи во кои учествуваат обожавателите на „селфи“ фотографиите постојано се зголемува. Од почетокот на годината имаме сигурно 100 случаи. Проблемот навистина постои и со себе носи страшни последици“, вели Јелена Алексејева, помошник на министерот за внатрешни работи.