Русите на референдум му овозможија на Путин да владее до 2036 година

Мнозинството Руси гласаа за измените на Уставот кои ќе му овозможат на претседателот Владимир Путин да остане на власт до 2036 година, пренесува српски „Данас“. Еднонеделниот референдум кој заврши вчера, го одбележаа многубројни извештаи за притисоци врз гласачите и други неправилности.

Како што јави „Еуроњуз“, од пребројаните гласови досега, 77.6% од гласачите ги одобриле предложените измени на Уставот.

За првпат во Русија, гласањето траеше една недела со цел да се зголеми излезноста на граѓаните, но и да се намалат гужвите на гласачките места поради пандемијата на коронавирусот.

До затворањето на избирачките места во Москва и во повеќето други делови на Западна Русија, излезноста била 65 проценти. Во некои региони, гласале речиси 90% од граѓаните со право на глас.

Критичарите на Кремљ и независните набљудувачи ги преиспитуваат официјалните бројки.

„Ги разгледуваме соседните региони и неправилностите се очигледни, има региони во кои излезноста е вештачки зголемена, има региони каде е донекаде реална“, изјави Грегориј Мелконијанс, од независната група за следење на изборите Голос.

Според Кремљ амандманите се неопходни за стабилноста и сигурноста на земјата, додека критичарите на Путин сметаат дека измените претставуваат потег кој ќе му овозможи да остане уште долго време на власт.

Путин претходно ги повика граѓаните да гласаат за амандманите и истакна дека секој глас е важен.

„Не гласаме само за амандманите. Гласаме за земјата во која сакаме да живееме, за земјата која сакаме да ја оставиме на нашите деца и внуци“, рече Путин.