Русија забрани размена на ученици со САД

Поранешни, сегашни и потенцијални учесници во популарна американска програма која финансира размена на ученици, се жалат на одлуката на руската влада да го запре своето учество во програмата која трае со децении, пренесува Радио Слободна Европа. Одлуката доаѓа во време на затегнатите односи меѓу Русија и Западот поради кризата во Украина.

„Политика си е политика, но ова беше неверојатно искуство“, вели Ана Шалашина, 25-годишна жителка на Москва, зборувајќи за годината помината во САД во рамки на американската програма „Размена на идни лидери“ или популарно наречена FLEX.

Русија забрани размена на ученици со САД

„Многу е разочарувачки што другите нема да добијат ваква можност“, вели Шалашина.

Русија на 30 септември ја информираше американската амбасада во Москва дека во учебната 2015/2016 година ќе го стопира своето учество во FLEX програма, преку која средношколци од поранешните советски републики одат да учат во САД, соопшти американски амбасадор во Русија, Џон Тефт. Според Рускиот Народен правобранител за детска заштита, една од причините за запирањето на програмата е тоа што руски средношколец додека бил дел од програмата бил под старателство на американска геј-двојка.

Во текот на изминатите 21 години, повеќе од 8.000 руски ученици посетуваа средно училиште во САД и живееја кај американските семејства, се наведува во соопштението на амбасадорот Тефт.

„Тие млади Руси ја играа улогата на културни амбасадори, претставувајќи им го најдоброто од Русија на милиони Американци низ сите 50 држави“, вели тој.

Руската одлука предизвика низа реакции, како кај учениците, така и на социјалните медиуми. На Твитер почна кампања под хаштагот #RussiaWantsFlexBack, односно Русија го сака FLEX назад.

„Тие само ми го одзедоа сонот. Благодарам. Јас бегам од тука штом ќе добијам шанса“, напиша еден Твитер корисник кој вели дека е од Екатеринбург.

Русија забрани размена на ученици со САД

Програмата за размена на ученици е финансирања од американскиот Стејт департмент. Таа започнала да функционира во 1992. Целта е да се испраќаат тинејџерите од поранешните советски републики да поминат една година во средните училишта во САД.

Повеќе од 20.000 ученици досега учествуваат во програмата. Освен ученици од Русија, таа вклучува и тинејџери од Ерменија, Азербејџан, Грузија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Таџикистан, Туркменистан и Украина.

Некои од учесниците во размената велат дека годината помината во САД е животно искуство.

„Англискиот ми стана како втор мајчин јазик, а јас станав друг човек“, напишала на руската социјална мрежа „В-контакте“, Екатерина Бородина, 18-годишна студентка на Државниот универзитет во Санкт Петербург.