Русија ја одобри првата вакцина во светот против коронавирусот

Рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека Русија ја регистрирала првата вакцина во светот против Ковид-19, пренесува српски „Н1“. Путин за ова извести на седница на владата, која беше директно пренесувана на телевизијата „Русија-24“.

„Колку што знам, утрово за прв пат во светот е регистрирана вакцина против новиот коронавирус“, рече Путин.

Министерот за здравство Михаил Мурашко рече дека регистрираната вакцина е една од првите вакцини во светот која ја потврдила својата ефикасност и безбедност.

Министерството за одбрана на Русија на 20 јули соопшти дека завршило клиничкото испитување на вакцината која се развивала заедно со Институтот за епидемиологија и микробиологија „Гамалеј“.

Според новинската агенција „АП“, Путин рекол дека вакцината се покажала ефикасна за време на тестирањето, создавајќи постојан имунитет на коронавирусот. Тој исто така истакна и дека вакцината ги поминала потребните тестови и дека една од неговите ќерки била вакцинирана и се чуствувала добро.

Путин изјавил дека во најскоро време очекува и масовно производство на вакцината. Руските власти соопштија дека први ќе бидат вакцинирани медицинските работници, наставниците и други ризични групи.

Агенцијата „АП“ додава дека Русија е прва земја која регистрирала вакцина против коронавирусот, но и дека многу научници се скептични и го оспоруваат регистрирањето на вакцината пред третата фаза на тестирањето што обично трае со месеци и вклучува повеќе илјадници луѓе.