Русија исклучена од Советот за човекови права на Обединетите Нации

Русија е суспендирана од телото за човекови права на Обединетите Нации (ОН), откако генералното собрание на организацијата ја изгласа оваа одлука со неопходното дво-третинско мнозинство.

„За“ исклучувањето на Русија гласале 93 земји членки на ОН, 24 беа „против“, а 58 гласаа „воздржано“.

„Воените злосторници немаат место во телата на ОН кои постојат за заштита на човековите права. Благодарни сме на сите земји членки кои избраа да бидат на правата страна на историјата“, напиша на Твитер Дмитро Кулеба, украинскиот министер за надворешни работи.

Пред гласањето, украинскиот амбасадор во ОН Сергеј Кислица ја обвини Русија за „ужасни злосторства против човековите права“ посочувајќи ги случаите на убиени цивили во градот Буча, додавајќи дека постапките на Русија ќе бидат изедначени со воено злосторство и злосторство против човештвото.

„Русија не само што предизвикува кршења на човековите права, туку ги разурнува темелите на меѓународниот мир и безбедност“, додаде Кислица.

Меѓу државите кои гласаа против резолуцијата беа и Кина, Иран, Казахстан, Куба, Белорусија и Сирија.

Русија е прва постојана членка на советот на безбедност на ОН која е исклучена од Советот за човекови права. Сепак, ова не е прв случај земја-членка на Советот за човекови права на ОН да биде исфрлена. Претходно, Либија во 2011 година, под водство на Муамер Гадафи, беше суспендирана од Советот, поради крвавото задушување на граѓанските протести во земјата.

Советот за човекови права има седиште во Женева и неговите 47 членови ги избира Генералното собрание на ОН со мандат кој трае три години. Една од задачите на оваа институција е да води истраги за прекршување на човековите права во земјите членки на Обединетите Нации.