Русија ги зголеми паричните казни за демонстрантите и веб-порталите

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги потпиша новите закони за заострување на паричните казни за прекршоци на демонстрантите и за веб-порталите кои се означени како „странски агенти“.

Според новиот закон, демонстрантите кои се прогласени за виновни за повеќекратно прекршување на законот може да бидат казнети со 20.000 рубљи, 230 евра или 30 дена затворска казна. Законот претходно предвидуваше парична казна од 5.000 рубљи.

Путин, исто така, потпиша и закон со кој се предвидува казна до 2.500 рубљи за објавување информации на сајтови кои се означени како „странски агенти“, а кои не го навеле јасно таквиот статус.

Според законот од 2012 година, организациите и поединците означени како „странски агенти“ во Русија мора да се регистрираат кај властите, да исполнуваат одредени административни обврски и јасно да го наведат нивниот статус во своите публикации.