Русија е земја во фокусот на седмиот „МакеДокс“

Една недела до почетокот на седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје. Фестивалот ќе се одржи под отворено ѕвездено небо со мото „Сите сме приказна“ од 20 до 26 август 2016 година во Куршумли-ан, Чифте амам и во Музејот на современата уметност во Скопје.

Меѓу селектираните 63 документарни филмски остварувања, распоредени во пет програми, а земја во фокус е Русија со програмата „Руски снег“, како и селекцијата на кратки документарни филмови.

„Инспирирани од магичната филмска продукција на Русија, годинава ќе патуваме до сибирските селца, до најпознатата академија за руски балерини, кај авангардните градски фаци кои си го наоѓаат мирот во шумите на рускиот север, па сè до Северна Кореја. Во топлите августовски ноќи во Скопје под отвореното небо на платото пред Куршумли-ан донесуваме „снег“ од срцето на Русија за да се разладиме со шест руски документарни приказни во селекцијата „Руски снег“, велат од фестивалот.

Од современите руски автори ќе се прикажуваат документарните филмови на Софија Горленко, Виктор Косаковски, Светлана Демидова и Дмитриј Сидоров, Владимир Головнев, Ана Шишова и Татјана Соболева.

Десет кратки документарци носат цел спектар на приказни, авторски сензибилитети, групни портрети и лични пасии, од реалниот, но и од замислениот свет на протагонистите.

На фестивалот „МакеДокс“ се доделуваат наградите „Кромид“ – за најдобар филм во Главната програма, „Млад кромид“ – за најдобар филм на нов автор, „Кокарче“ – за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи од сите програмски селекции.

Жирито за наградата „Кромид“ е во состав: Дон Едкинс, продуцент од Јужна Африка и основач на организацијата „Степс“, којашто поврзува современи документарни филмови и режисери; Лена Пасанен, родена во Финска, сегашна директорка на Меѓународниот фестивал на документарен и анимиран филм во Лајпциг, поранешна директорка на Европската документарна мрежа (ЕДН) и продуцентка во Финскиот јавен радиодифузен сервис; и Владимир Гојун, филмски монтажер од Република Хрватска.

Жирито за наградата „Млад кромид“ е во состав: Стефано Теалди, продуцент и режисер од Италија, кој ја води продукциската куќа „Стефилм“, основач и на здружението „Документарните филмови во Европа“ и на „Торино филм лаб“, Иика Вахкалахти, извршен продуцент во компанијата „Раф кат сервис“ (Rough Cut Service) и „Осмели се да сонуваш – Азија“, додека неговата сопствена компанија „ИВ филмс“ продуцира и обезбедува менторство за документарни филмови, и Мила Турајлиќ, режисерка и продуцентка на креативни документарни филмови од Србија, чија специјалност се архивските материјали, и која во 2013 година, со филмот „Синема комунисто“, ја освои наградата „Млад кромид“ што „Македокс“ ја доделува за најдобар филм на нов автор.

Жирито за наградата „Кокарче“ е во состав: Наташа Петровиќ, македонска театарска и филмска актерка, родена во Штип, била дел од основачкиот тим на независниот театар за изведувачки уметности „Театра“, а сега е дел од актерската екипа на Театарот за деца и младинци во Скопје, како и дел од основачкиот тим на Здружението за културни активности , креација и едукација „Артипија“, Воскресија Андреевска, сликарка и графичка дизајнерка која успешно наоѓа пат како внатрешниот порив на креативен начин да го излезе на површината и Иван Шопов, писател и автор на сценарија за анимирани филмови, уредник во издавачката куќа „Темплум“ и на порталот „Окно“.

Жирито за Наградата за најдобри етички идеи е во состав: Влатко Галевски, филмски критичар и филмофил од Македонија, чие секојдневие само по себе е долгометражен документарен филм, Катри Мерикалио, финска новинарка и активистка за добросостојбата на децата; и Маријане Гизае, едукатор од Германија, која над 20 години работи со медиумите на развојни проекти во Јужна Африка, пишува, продуцира и користи печатени медиуми и филм.

Промотивната забава со која ќе се најави фестивалот ќе се одржи на 18 август во Градскиот парк во Скопје.

Седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, Медиа програмата на Креативна Европа, Националната фондација за демократија и Град Скопје.