Rupert Murdoch го презема National Geographic

Магазинот за природа и наука кој постои веќе 127 години National Geographic ќе стане профитна публикација и последен член на империјата на Rupert Murdoch. Трансакцијата, која се очекува да биде завршена до крајот на годинава е проценето дека вреди околу 725 милиони долари.

„Проширувањето на нашето речиси дводецениско партнерство со 21st Century Fox е уште едно достигнување за National Geographic, кој поголемиот дел од своите 127 години ги спонзорираше најуспешните научници и истражувачи и го споделуваше знаењето и чудата со светот, користејќи ги најдобрите и најкреативните медиумски платформи на секоја ера“, вели за зделката Gary Knell претседател и извршен директор на National Geographic Society.

„Вредноста на оваа продажба гарантира дека ќе имаме повеќе ресурси за оваа работа, вклучитено и за нашите програми со доделување на грантови кои ги поддржуваат научниците и истражувачите низ светот“, додава.

James Murdoch, синот на Murdoch кој летово го наследи како претседател на 21st Century Fox, рече дека е привилегија што ја има можноста да го прошири партнерството и што ќе продолжат да привлекуваат поголема публика низ светот.

„Ќе го покажеме светот и сé што има во него“, рекол тој, цитирајќи го вториот претседател на National Geographic Society, познатиот иноватор и изумител на телефонот, Alexander Graham Bell. Освен магазинот стар 127 години и двата телевизиски канали, новата компанија ќе издава и нови магазини, поврзани дигитални и социјални медиумски платформи, книги, мапи и детски медиуми.