РСЕ: Студентска пасивност или политикантство?

Условите во кои живеат студентите во Студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје деновиве влегоа во фокусот на јавноста, откако жителите на домот на интернет објавија фотографии од внатрешноста на ова студентско живеалиште – руинирани тоалети, ѕидови што се распаѓаат, лифтови што не работат… Власта со години ветува дека ќе ја подобри состојбата, но што прават во меѓувреме студентските лидери и колкава е реално нивната моќ да влијаат на менување на работите?, пишува Радио Слободна Европа.

Студентска пасивност или политикантство?

Претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски, вели дека е јасно дека во Студентскиот дом Гоце Делчев треба да се изврши санација и оти тие постојано вршат институционален притисок за тоа да се случи.

„Мислам дека актуелизирањето на оваа тема, што е проблем со години, не само на оваа, туку и на претходните влади, мислам дека е од политички причини. Она што ние го правиме како Студентски парламент е постојано да вршиме институционален притисок за да може да се реши проблемот со студентските домови и конкретно со Студентскиот дом Гоце Делчев и мислам дека ќе имаме позитивен ефект од сето тоа“, вели Спироски.

За разлика од него, Драган Милевски од студентското движење Слободен индекс вели дека студентите не треба да чекаат проблемите да ги реши Студентскиот парламент, туку треба самите да почнат да си ги решаваат. За него, потегот со објавувањето на фотографиите од домот на интернет е вистинскиот начин на борба.

„Нели оваа иницијатива „Операција Студентски дом“ е независна иницијатива и засега се супер во тоа што го прават, така треба и да продолжат. Наш став е дека студентите од домовите треба да излезат на улица и да им се придружат и останатите, да се солидаризираат, затоа што така се водат вистинските битки“, вели Милевски.

Поранешниот претседател на СПУКМ, Самоил Малчески, вели дека е лесно некој да каже дека е студентски лидер, ама треба и да се работи.„Она што се случува во студентските домови е буквално грозно и најголема вина, според мене, сносат студентите и нивните претставници затоа што не креваат глас за актуелната состојба“, вели Малчески.Тој вели дека студентската организација е доволно моќна да влијае на менување на работите и потсетува дека за време на неговиот мандат е излобирано реновирањето на студентскиот дом Стив Наумов, но оти од 2009 година ништо не е направено на тој план.

Извор:Радио Слободна Европа