РСБСП: Возете внимателно, децата тргнаа на училиште

Ѕвони за час! Возете внимателно дечињата тргна на училиште!, е слоганот под кој ќе се реализира новата едукативна кампања на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП). Во рамки на кампањата РСБСП ќе ги едуцира децата и родителите за поголема безбедност на најмладите во сообраќајот.

Новата учебна година е на самиот праг, а со тоа и децата секојдневно ќе бидат учесници во сообраќајот. Родителска и хумана обврска  на секој поединец и на сите надлежни субјекти е да се  преземат  сите неопходни мерки кои стојат на располагање со цел  да ги заштитиме децата од повреди и загуби во сообраќајот.

Од РСБСП потсетуваат на неколку важни совети на кои што секој учесник во сообраќајот треба да внимава и да се  придржува:

Кога ќе  видите знак  „училиште“,  задолжително намалете ја  брзината. Посветете  внимание на  движењето на децата во близина на патот и училиштето.

Посебно бидете внимателни на пешачки премин. Намалете ја брзината навреме и благовремено застанете и препуштете ги пешаците. Особено внимавајте на децата.

Возачите секогаш треба да имаат на ум дека децата не размислуваат за опасностите на патот. Запомнете дека тие не се во состојба  да ја проценат брзината со која се движат возилата.

Секогаш држете безбедно растојание помеѓу возилата и бидете предвидливи во однесувањето во сообраќајот. На тој начин ќе  придонесете за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот, вклучително и децата.

Однесувајте се дефанзивно во сообраќајот. Затоа што само на тој начин ќе бидете во состојба да ги предвидете опасностите во сообраќајот и навремено да реагирате. Оваа е посебно важно кога возите  во близина на училиште или градинка.

Во близина на училиште или градинка внимателно одберете каде ќе го паркирате возилото. Паркирањето на тротоар или пешачки премин го попречува движењето на децата, ги насочува децата кон улицата и коловозот и на тој начин  всушност директно ја загрозувате безбедноста на децата во сообраќајот. Исто така, неправилното паркирање ги прави децата невидливи помеѓу возилата и нивното  преминување на улица го прави крајно опасно.

На пристапи кон училиштата или градинките  бидете двојно повнимателни. Намалете ја брзината и следете го внимателно движењето на децата во околината  на улицата. Секогаш  имајте на ум дека децата се крајно непредвидливи и може во секој момент да се одлучат да ја претрчаат улицата.

Секогаш кога го превезувате вашето дете, користете детско седиште или безбедносен појас. Така вашето дете  ќе биде заштитено во случај на сообраќајна незгода.

Во близина на училиште или градинка бидете особено  фокусиран и концентриран возач. Не користете мобилен телефон или други помагала кои ви го одземаат вниманието.