РСБСП со кампања „Младост без лудост“ за намалување на бројот на загинати млади лица во сообраќајки

„Младост без лудост“ е мотото под кое ќе се реализира нова кампања на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во соработка со МВР, Агенција за млади и спорт, Град Скопје и другите партнери.

Кампањата има цел да се намали бројот на загинати и на повредени млади лица во сообраќајни незгоди.

‘Слоганот на кампањата е ‘Младост без лудост! Младост е да си нескротлив, а лудост е да си невнимателен’. Со цел полесно да се допре и да се доближи до младата популација, кампањата ќе се реализира на терен. Во нејзиниот фокус се младите луѓе на возраст од 18 до 40 години бидејќи тие влегуваат во категоријата ризични учесници во сообраќајот кои често се причина за предизвикувње сообраќајни незгоди и кои најчесто страдаат во сообраќајни незгоди“, велат од РСБСП.

Согласно сообраќајната статистика, во 2016 година, вкупно 165 лица го загубиле животот на патиштата во Македонија, од кои околу 40% се токму во оваа возрасна категорија. Вкупно 4.000 млади луѓе, на возраст до 40 години, се тешко повредени во сообраќајни незгоди минатата година.

Статистистичките податоци покажуваат дека на светско ниво, секоја година, 400.000 млади луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, или дневно се губат околу 1.050 млади животи на патиштата ширум светот. Неофицијалните статистички податоци за 2017 година, велат од РСБСП, покажуваат дека за првите три месеци, вкупно 12 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои неколку се млади лица.

„Во оваа прилика, апелирам до сите млади лица во Република Македонија, да бидат внимателни и одговорни учесници во сообраќајот и не само тоа, ги повикувам сите во голем број и активно да се вклучат и да ја поддржат оваа кампања и заеднички да дадеме придонес кон подигање на јавната свест за поголема дисциплина, култура и етика во сообраќајот, сѐ за поголема безбедност на младите“, рече денес претседателот РСБСП, Стојче Стаменковски.

„Младост е да се поднапиеш, но лудост е да возиш пијан“. „Младост е да сакаш да зборуваш на мобилен телефон, лудост е тоа да го правиш додека возиш“. „Младост е да си жив и темпераментен, лудост е да си брз и агресивен во сообраќајот“! „Младоста оправдува многу грешки, но сообраќајот и сообраќајните незгоди не простуваат никогаш, а последиците се трајни“- потенцираше Стаменковски.

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сања Димитриевска, која истакна дека МВР со задоволство ја поддржува реализацијата на оваа кампања, особено бидејќи кампањата доаѓа во пресрет на прославата на матурските вечери.

„Возачката дозвола–правото за управување моторно возило, претставува доверена одговорност од семејството и од општеството. Секој кој ќе седне зад управувачот мора да знае дека во него сите препознаваат личност која е зрела, свесна и совесна, односно личност која е одговорна да се носи со предизвикот кој го наметнува учеството во сообраќајот. Да се биде млад и истовремено одговорен во сообраќајот, не е право на избор, туку обврска за сите. Младите, согласно статистиката на МВР, влегуваат во категоријата чести учесници во сообраќајни незгоди и токму поради тоа, мораме сите заеднички да работиме на подигнување на нивната безбедност во сообраќајот“, додаде Димитриевска.

Актерот и поддржувач на кампањата, Горазд Цветковски, рече дека „еден човечки живот да спасиме, еден телесен инвалидитет да спречиме, една трагична семејна судбина да одбегнеме, навистина ќе постигнеме многу“.

„Да се загуби или загрози човечки живот, како резултат на агресивно и неодговорно учество во сообраќајот, не само што е непромислено, туку не е хумано и не е во духот на цивилизациските вредности. Затоа, апелирам до младите, бидете одговорни учесници во сообраќајот и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи“, потенцираше изјави Цветковски.