РСБСП: Пешаци претрчуваат на црвено, со слушалки на уво и прескокнуваат жардиниери  

Како активни учесници во сообраќајот, пешаците мора да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, исто и како кога учествуваат во сообраќајот во улога на возачи, мотоциклисти и велосипедисти, велат од Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај (РСБПС).

За жал, велат тие, искуствата покажуваат: улицата се преминува надвор од пешачки премини, најчесто таму каде што ним најмногу им одговара, каде што им е најкраток патот, го претрчуваат коловозот иако го сочинуваат две, па и три ленти, прескокнуваат жардиниери и огради, претрчуваат на црвен пешачки семафор итн.

„Но, не претрчуваат сите. Има и такви кои се движат бавно, со слушалки на уво, без да гледат лево десно и без да слушаат што се случува во сообраќајот. За некои, пешачкиот премин е модна писта, за некои, место за добар разговор ако случајно се сретне стар познаник. За некои, движењето помеѓу возилата и помеѓу двете коловозни ленти претставува обична рутина со која вешто се справуваат.  ‘Секакви луѓе со секакви навики’, но мал е бројот на тие кои ги почитуваат правилата и прописите, кога се движат по тротоарите и преминуваат преку улиците. Фактите велат дека пешаците се најмалку казнувани и најмалку контролирани учесници во сообраќајот. Нивното однесување е препуштено на личната одговорност, свест и совест, како и на нивната сообраќајна култура“, соопштува РСБСП.

Статистиката вели дека во 2018 година, заклучно до месец септември, повредени се 626 пешаци, а загинале 17 пешаци.

За 2017 година се регистрирани 914 повредени, а 34 загинати пешаци.  Во 2017 година, на возраст над 65 години, загинале 17 пешаци.

 

„Пешаците најчесто страдаат во сообраќајни незгоди во услови на намалена видливост (магла), во раните утрински и во доцните вечерни часови, на неосветлени коловози или на неосветлени пешачки премини.  Анализите покажуваат дека бројот на пешаци кои страдаат во сообраќајни незгоди случени токму на пешачки премин е многу голем. Од една страна, има многу неодговорни возачи кои не ги почитуваат, ниту пешаците, ниту сообраќајните правила и прописи, но има и многу пешаци кои, исто така, неодговорно учествуваат во сообраќајот“, велат од таму.

Она за што РСБСП апелира до возачите е дека нивна обврска е секогаш да се движат со особено внимание кога се приближуваат кон пешачки премин, да ја намалат брзината, да застанат и да ги пропуштат пешаците на пешачкиот премин. Но, тоа никако не значи дека пешаците имаат апсолутно право први да ја преминат улицата. Напротив, велат тие, должни се да ја преминат улицата, откако ќе се уверат дека тоа може да го направат без да го загрозат својот живот, но и безбедноста и животот на возачите кои им доаѓаат во пресрет.

Пешаците треба да бидат сто проценти сигурни дека возилото што наидува на нив, може навреме и безбедно да застане, за тие да ја преминат улицата.

„Обостраното непочитување на ова правило, е причина број еден за сообраќајни незгоди во кои страдаат пешаците. Црната статистика загрижува, загрижува тоа што секојдневно се случуваат сообраќајни незгоди во кои страдаат пешаци, загрижува фактот дека околу 25% од вкупниот број жртви во сообраќајни незгоди се пешаци. Затоа, без изговори!“, Да, истото важи и за возачите. Без изговори, без оправдувања!“, потсетуваат од РСБСП.