РСБСП: Периодот за прослави не ви дава право да возите под дејство на алкохол

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до возачите да бидат внимателни и одговорни и да не возат доколку конзумираат алкохол за време на новогодишните празници.

„Фактот дека е период на празници, време на веселби, прослави и забави, не Ви дава право да управувате моторно возило под дејство на алкохол. Напротив, ова е период во кој возачите треба да ја покажаат на дело својата свесност и совесност“, велат од РСБСП.

Оттаму препорачуваат доколку возачите немаат некоја голема или неодложна потреба, да го остават возилото и да побараат друга форма на превоз како такси или јавен превоз.

„Ако немате некоја голема или неодложна потреба, најдобро е да го оставите возилото и да побарате друга форма на транспорт. Студеното време, ниските температури, замрзнатите и влажни коловози и маглата на патиштата, можат да ви направат проблеми. Затоа, најдобро е да користите такси или друг јавен превоз“, истакнуваат од РСБСП.

Апелираат и до останатите граѓани да не дозволуваат пијан возач да вози, ниту да се возат со пијан возач бидејќи со тоа го доведуваат во опасност сопствениот живот.