РСБСП: 150 лица годишно го губат животот во сообраќајки, постои недисциплина и покрај засилените контроли

Засилените сообраќајни контроли од сообраќајната полиција  во изминатите неколку  месеци  покажуваат дека дисциплината и одговорноста кај учесниците во сообраќајот се уште не се на потребното ниво, соопштуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

За жал, велат од РСБСП, полициските билтени и медиумите секојдневно известуваат за голем број на санкционирани возачи поради управување на моторно возило под дејство на алкохол, управување на моторно возило без соодветна возачка дозвола, непочитување на правилата за ограничување на брзината, не правилно престигнување, управување на нерегистрирани и технички неисправни возила и голем број на други прекршоци  во сообраќајот со кои директно се загрозува животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот.

„Се чини дека одредена група на учесници во сообраќајот не ги загрижува  фактот дека секоја година на улиците и патиштата во Република Северна Македонија околу 150 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 60.00 лица се повредени“, забележуваат од РСБСП.

Искуството од земјите со најдобри резултати на полето на безбедноста во сообраќајот, велат тие, покажуваат дека покрај добрата сообраќајна инфраструктура, најдобри резултати во безбедноста во патниот сообраќај се постигнуваат преку соодветна комбинација од превентивни и репресивни мерки.

Во делот на превенцијата, РСБСП потенцира дека културата и навиките во сообраќајот се учат од најмали нозе и токму затоа РСБСП посебно внимание во својата работа посветува на најмалите.

„Што се однесува до возрасните, процесот на промена на навиките и културата  во сообраќајот е бавен и тежок процес и за таа цел  РСБСП реализира континуирани и силни кампањи, а ефектите од кампањите  може да се почувствуваат единствено на подолг рок“, велат од РСБСП.

Од друга страна, дополнуваат тие, репресивните мерки дават побрзи резултати и ефектите од репресивните мерки може да се почувствуваат  и на  пократок рок.

„РСБСП го поддржува процесот на засилени сообраќајни контроли  и истиот треба да биде континуиран и силен. Најважно е граѓаните да знаат дека репресивните мерки се спроведуваат со цел заштита на нивниот живот и нивното здравје и истите имаат за цел да ги одвратат сторителите на сообраќајните прекршоци  од повторување на сообраќајниот прекршок. Превентивните мерки се насочени кон сите учесници во сообраќајот, а со репресивни мерки треба да бидат санкционирани оние учесници во сообраќајот кои и покрај сите апели, и укажувања се уште се однесуваат недисциплинирано и неодговорно во сообраќајот“, потенцира Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП.

Според Републичкиот совет, статистичките податоци за 2020 година,покажуваат дека оваа година има значително намалување на бројот на сообраќајни незгоди и бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди во однос на истиот период минатата година. Ваквиот опаѓачки тренд сметаат дека треба да продолжи и во иднина, а засилените сообраќајни контроли од сообраќајната полиција дејствуваат токму во таа насока.