Историски челичен мост во пристанишниот холандски град Ротердам ќе биде делумно демонтиран за да овозможи простор за супер-јахтата на основачот на Амазон, Џеф Безос, соопштија локалните власти.
Џиновската јахта на Безос, која чини 430 милиони евра е преголема за култниот Мост Конингшавен, кој е изграден во 1878 година и бил реконструиран во 1940 по бомбардирањето од нацистите во Втората Светска Војна.
Бродоградилиштето кое ја гради јахтата во близина на Ротердам побарало од градскиот совет да го отстрани централниот дел од мостот за да се овозможи пат за пловилото. Јахтата која е предвидено да биде долга 127 метри ќе биде најголемата во светот.
„Тоа е единствениот пат до морето“, рекол портпаролот на градоначалникот на Ротердам за АФП, додавајќи дека Безос ќе ги сноси трошоците за градежниот зафат.
Одлуката разлути дел од Холанѓаните, откако советот претходно по големо реновирање на мостот во 2017, ветил дека никогаш повторно нема да го демонтира.
Од канцеларијата на градоначалникот ја потенцираат економската придобивка и работните места кои ги овозможува конструкцијата на бродот, но ветуваат дека мостот ќе биде вратен во сегашната форма.
Целата операција е предвидено да трае неколку недели, а почетокот на градежните работи се очекуваат ова лето.
Безос е еден од најбогатите луѓе на светот откако го претвори Амазон од платформа за продажба на книги во глобален трговски џин.