Легендарниот британски драм-енд-бејс диџеј и продуцент Рони Сајз (Roni Size), и холандскиот метал бенд Синистер, се меѓу предводниците на новото издание на Д Фестивал.
Со завидна кариера од скоро три децении, Рони Сајз постојано важи за еден од најважните и најпочитувани артисти на светската драм-енд-бејс сцена. Минатата година тој во уште еден наврат триумфално се врати на сцената претставувајќи го новото ЕП издание „Past & Present“ реализирано во соработка со Диџеј Краст, а во единствениот звук на драм-енд-бејс легендата ќе имаме прилика да уживаме и сред автентичната атмосфера на Д Фестивал, каде што Рони Сајз ќе ја предводи програмата на главната бина.
Неговото музичко патување започна кога на 16-годишна возраст го избркаа од училиште, а Рони се обиде тоа да го надомести посветувајќи се на првите хаус журки во родниот Бристол. Преку неговото дружење и соработка со Диџеј Краст (DJ Krust) во 90-тите настанаа култните етикети „Full Cycle“ и „Talkin’ Loud“, кои на Рони му донесоа признание и пробив на музичката сцена кои пак беа добар увод за појавувањето на албумот „New Forms“ со кој „Roni Size & Reprazent“ тргнаа во освојување на светската сцена. Има соработувано со значајни имиња, како Method Man и Rage Against The Machine. Првиот вистински соло албум „Touching Down“ Рони го објави во 2002 година, а ова издание и до ден денес важи за едно од најпродаваните кога е во прашање независниот драм-енд-бејс жанр.
Главната бина на Д Фестивал годинава ќе го претстави и премиерниот настап во Македонија на култниот холандски бенд СИНИСТЕР (Sinister) – еден од најголемите бендови на андерграунд дет-метал сцената.
Стартувајќи ја кариерата во 1989 година, овој бенд изникна сред најголемиот „хајп“ на дет-метал музиката. Нивниот деби албум „Cross the Styx“ (1992) се распродаваше секаде ширум светот, а истиот и ден денес важи за еден од најзначајните класици на овој жанр. Зад себе имаат безброј настапи ширум планетата и турнеи со големите имиња од метал сцената како Suffocation, Cannibal Corpse, Deicide, а се запишаа во листата предводници на сите релевантни метал фестивали како Wacken open air, Hell fest, Metal Days, Milwaukee Metal fest, Extreme Hate Festival Brazil, In Flammen, Speed fest, Rockstad и тн. Вкупно 13 студиски албуми зад себе, повеќе од 25 години кариера и безмалку исто толку членови кои се запишаа во составот на бендот низ годините.
Покрај светските имиња, Д Фест и годинава ја продолжува традицијата да биде главно место за претставување и на огромен број музички имиња од домашната сцена, а гласот на новата генерација стигнува со настапите на The Planktons, Shell Shock и Обохтал.
Д Планктонс (The Planktons) е млад сурф-рок бенд од Скопје, кој постои веќе две години. Работат на својот прв студиски албум, чија промоција ќе се случи оваа година, а зад себе имаат едно ЕП издание насловено „El Plancton“.
Од домашната сцена доаѓаат и Шел Шок (Shell Shock), треш метал составот од Источна Македонија формиран во јануари 2015 година. Нивната инспирација главно се темели врз делата на треш великаните Kreator и Testament, а минатата година со одличен концерт беа дел и од Лузер Фест во рамки на Таксират Фестивал.
На Д Фестивал ќе настапи и Обохтал, новиот музички проект од Куманово. Инспирирани од современа и стара класична музика, спора контемплативна филмска уметност, краутрок и минимализмот, овој музички тандем го започнува својот проект во 2014 година, а од тогаш па до сега имаат издадено два албума преку Green Hill Records – „Solaris“ и „Hello hello World“.