Роми малтретирани од полицијата ја добија С. Македонија во Стразбург, државата ќе треба да им плати по 7.500 евра

Европскиот суд за човекови права пресуди во корист на двајца тужители, Роми, застапувани од страна на Европскиот центар за права на Ромите (ЕЦПР), кои тврдат дека биле малтретирани од страна на македонската полицијата во Скопје, во 2014 година.

Судот во Стразбург пресуди дека македонската полиција не спровела ефикасна истрага по обвинувања на Ромите за полициска бруталност кон нив. Истовремено Судот не нашол основ да пресуди дека се работело за полициска бруталност или пак дека случајот бил расно мотивиран.

Предметот се однесува на неуспехот да се истражи инцидент за наводна полициска бруталност, што се случила на 19 мај 2014 година, кога тужителите Роми биле на возраст од 16 и 13 години. Според пресудата, Владата на Северна Македонија ќе треба да им исплати на Ромите, кои се сега на возраст од дваесет и три години и деветнаесет години, износ од 7.500 евра, поединечно.

„Вознемирувачки е да се види дека правдата за овие деца очигледно не може да се добие во Северна Македонија. Познато нѝ
е дека овој вид на расистичко насилство се случува постојано, но правосудниот систем, полицијата, јавниот обвинител во оваа држава се така институционално расистички, што, дури и кога деца се апсени и претепувани од страна на расистички полицајци,
институциите не можат ниту да спроведат успешна истрага против нивните сопствени службеници. Ромите треба да бараат потпора од судот во Стразбург за да воопшто добијат било каков вид на правда“, изјави по пресудата претседателот на ЕЦПР, Ѓорѓе Јовановиќ.

Од ЕЦПР велат дека според тужбата, полициските службеници, припадници на Скопската единица „Алфи“, барале двајца силеџии, кои биле пријавени дека нападнале и ограбиле дваесет годишна жена. По пријавата полициска патрола ги пресретнала двајцата Роми и ги нападнале, по што го привеле 16-годишникот во полициската станица Центар. Таму според неговите изјави, момчето наводно било дополнително тепано неколку часови од страна на службениците. Под закана, тој потпишал признание дека ја украл рачната чанта претходно вечерта.

По инцидентот, полицискиот инспекторат негирал било каков наводен престап сторен од страна на службениците, изјавувајќи дека полициските службеници не ги пречекориле своите овластувања. Подоцна истиот месец, двајцата Роми, поднеле кривична пријава до Јавниот обвинител, поддржани од ЕЦПР и Хелсиншкиот комитет за човекови права против четворицата полициски службеници, кои биле вклучени во инцидентот. До декември 2017 година, немало никаков напредок за казнување на службениците.

Од ЕЦПР додаваат дека поединечни граѓански тужби поднесени од страна на двајцата Роми, стигнале и до Скопскиот Апелациски суд, каде тужбите исто така биле одбиени, оставајќи го Европскиот суд за човекови права како последна и единствена можност, тужителите да добијат правда.

Белешките од болница и медицинските докази, доставени до судот од страна на ЕЦПР покажуваат дека тинејџерите биле претепани и имале модринки на нивните глави и нивните тела. Тинејџерите изјавиле дека службениците ги удирале со шамари и тупаници со цел од нив да извлечат признание, како и дека полицијата користела расистички навреди во постапката.

„Среќна сум што овие двајца млади мажи добија надомест, што е во некоја мерка барем мерило за правдата, по бруталноста која тие двајцата ја доживеале на 19 мај 2014 година. Но, разочарана сум од Европскиот суд во оваа инстанца поради фактот што не ги поврзале очигледните расистички мотиви, кои се наоѓаат позади ова, со постапките на скопската полиција. Во нивната пресуда, тие дури не ни навлегуваат во ценењето на членот 14 [дискриминирачко] барање, тие само го одбиле како очигледно неосновано“, изјави, менаџерката за правни работи на ЕЦПР, Сенада Сали.

Веќе постојат три предмети пред Европскиот суд, што се однесуваат на Роми, каде што има создадено пракса по тужбите за неуспешно спроведување ефикасна истрага. Во овој предмет, јавниот обвинител чекал две години по полициската бруталност, пред воопшто да преземе било какво дејствие, но кога го презел, дејствието било исто така несоодветно.