Романскиот министер за правда даде оставка после масовните протести

Министерот за правда на Владата на Романија даде оставка, после најголемите протести во земјата од падот на комунизмот во 1989 година.

Флорин Иордаче беше еден од потписниците на итниот декрет усвоен од владата на 31 јануари, со кој се декриминализираа одредени кривични дела поврзани со корупција.

Од владата рекоа дека декретот и друг предлог закон се потребни за да го олеснат пренаселувањето во затворите, и да го прилагодат кривичниот законик според најновите уставни промени. Сепак, многу Романци веруваат дека предлогот ќе ги поништи анти-коруптивните акции на државата. Поради тоа, стотици илјади граѓани веќе речиси две недели протестираат, и покрај тоа што промената беше поништена.

Оставката на Иордаче не беше неочекувана, пишува Гардијан. Во средата, премиерот Сорин Гриндеану, најави дека веќе решил што ќе прави со Иордаче, но и дека ќе почека пред јавно да ја објави одлуката после итна седница вчера вечер.

Претходно Флориан Јиану, министер за бизнис, даде оставка бидејќи беше незадоволен со колективната одлука на Владата. На Фејсбук напиша: „Не сакам да му кажам на моето дете дека сум бил кукавица и сум се согласил на нешто во што не верувам… Ова е тоа што совеста ми кажува дека треба да го направам“.