Романската оперска дива Елена Мошуц ќе го отвори „Охридско лето 2018“

Повеќе од 800 уметници од 27 земји од Европа и од светот, славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации, ќе бидат дел од годинешното 58. издание на најреномираната музичко-сценска манифестација во земјата Фестивалот „Охридско лето“.

Отворањето на манифестацијата е најавено на 12 јули, со романската оперска дива Елена Мошуц која во Античкиот театар ќе настапи заедно со тенорот Калин Братеску и симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, под диригентска палка на маестро Николае Молдовану. Мошуц критиката ја оценува како една од петте најдобри сопранистки на денешницата.

Организаторите очекуваат Охрид повторно да стане вистинска културна метропола, како и досега ќе привлече бројни посетители кои доаѓаат од други земји само заради овогодинешните ѕвезди и квалтетната програма. Меѓу гостите се пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуизот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Виндзор касл“, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија.

Со Полската амбасада ќе се реализира концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, Францускиот културен центар ќе ги донесе светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, како и концерот на сопранот Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер кои ќе настапат преку соработката со Амбасадата на Шпанија. На програмата се и украинската вечер со настапот на Украинскиот камерен оркестар, потоа Кинеската вечер со настапот на Кинескиот бамбус-флејта оркестар, концертот на јапонско-турското „Сора дуо“, канадскиот пијанист Еуген Скороводников…

Од концертите наменети за пошироката публика како особен се издвојува настапот на казахстанскиот „Академи оф солист“ камерен оркестар. Во рамки на „Охридско лето“ ќе настапат и голем број домашни уметници од Македонската филхармонија, Македонската Опера и Балет, Музичката младина на Македонија, посебни рецитали на домашни уметници…

Драмската програма нуди неколку театарски претстави во најголем дел на домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска, Словенија. Како посебно театарско доживување е најавена претставата „Илијада“ и гостувањето на Словенско народно гледалишче, Драма од Љубљана, Цанкарјев дом и Градски театар, со која ќе се затвори годинешното фестивалско издание.

Фестивалот „Охридско лето“ се реализира под покровителство на Претседателот на РМ, со финансиска поддршка на Министерството за култура и сите државни институции. Поддржан е од бројни компании, претпријатија, како и од Општина Охрид. Оваа година предвиден е голем инвестициски проект за целосна реконструкција на сцената и гледалиштето на „Долни Сарај“, за што преку ресорното Министерство се обезбедени 1,4 милиони денари.