Романот „Враќањето на зборовите“ од Гоце Смилевски објавен во Чешка

Романот „Враќањето на зборовите“ од Гоце Смилевски деновиве е објавено во Чешка,  во издание на „Одеон“ од Прага. Делото на Смилевски е објавено во рамките на едицијата „Светска библиотека“, во превод на чешки јазик на Дагмар Доровски и Иван Доровски.

Во исто време со појавувањето на романот „Враќањето на зборовите“ на чешки јазик, списанието „Литерарни новини“ од Прага објави подолг фрагмент од делото пропратен  со изјава на уредникот на „Одеон“ Јиндржих Јузл, во која се вели: „Во едицијата „Светска библиотека“, која е водечка во нашата издавачка куќа,  излезе од печат 180 наслов, романот „Враќањето на зборовите“ од македонскиот автор Гоце Смилевски. Во истата едиција наскоро ги објавуваме и делата на Харуки Мураками, Џон Ирвинг и Мишел Уелбек.“

Во препораката на издавачот се подвлекува дека романот на Смилевски „по многу нешта е невообичаен, и потсетува на прозата на Умберто Еко“.

Во 2013 година издавачката куќа „Одеон“ на чешки јазик го објави романот на Смилевски „Сестрата на Зигмунд Фројд“. Делото предизвика големо интересирање кај читателите и до сега на чешки јазик доживеа три изданија. Инаку, романите „Разговор со Спиноза“ и „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски се преведени на преку 30 јазици во светот.

Романот „Враќањето на зборовите“ на македонски јазик се појави минатата година во издание на „Дијалог“ од Скопје.