Романот „Ана“ на Николо Аманити е добитник на наградата „BookStar 2020“

Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „BookStar“ го најави онајн-гостувањето на моментално еден од најактуелните италијански автори – Николо Аманити, кому оваа година ќе му биде доделена наградата „BookStar“ за најчитана книга помеѓу две изданија на Фестивалот.

Во понеделник (26 октомври) со почеток во 19 часот во Кинотека на Северна Македонија ќе биде промовиран неговиот роман Ана, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го преведе Калина Јанева. Романот беше најпродаваниот наслов на Првиот е-саем на книги во организација на „Антолог“, кој се одвиваше во април и мај оваа година, а е објавен со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија. 

Разговорот со авторот ќе го води книжевничката и универзитетска професорка Анастасија Ѓурчинова.

Главниот лик во романот, девојчето Ана, нејзиниот брат и други деца шетаат низ Сицилија, јадат слатки и конзервирана храна, борејќи се да преживеат. Храната и водата стануваат луксуз. Пожари беснеат низ целата земја. Пред четири години опасен вирус од Брисел ја заразил целата планета и го убил целото возрасно население! Останале само деца. Во овој извонреден дистописки роман, Аманити фрла остра критика на корпоративниот глобализам што владее со светот и го потсетува човештвото дека наскоро ќе исчезне ако се остави на ова и не се спротивстави.

Иако оригинално објавен пред 5 години, романот е неверојатно актуелен во моментов, пред сè поради тематиката што ја обработува, но и поради серијата снимена според него што наскоро ќе почне да се прикажува.

 Николо Аманити (роден 1966) е италијански писател. Студирал биологија. Автор е на неколку романи и збирки раскази. Добитник е на највисоките книжевни награди во Италија – „Вијареџо“ и „Стрега“. Голем дел од неговите книги се филмувани од режисери како Габриеле Салваторес и Бернардо Бертолучи. Во 2014 година и Аманити се испробува како филмски режисер.

 Настанот ќе биде организиран во согласност со протоколите за организирање настани во затворен простор.