„Рома рок скул“ почна кампања за донации за бесплатно музичко образование на деца Роми

„Рома рок скул“ од Скопје започна онлајн кампања со која собираат средства кои ќе бидат искористени за да им обезбедат бесплатно музичко образование на 30 деца Роми. Нивниот предизвик е до 23 април да соберат најмалку 5000 долари од 40 донатори.

Првата генерација на ученици и основачот на проектот Алвин Салимовски, кој е и директор на основното училиште „Браќа Рамиз Хамид“ во Шуто Оризари, првпат ги сретнавме пред речиси четири години.

Од тогаш до денес, младите создаваа своја авторска музика, се формираа дури четири бендови со ученици од мешани етникуми, се организираа неколку јавни настапи, имаат свој огранок во Крива Паланка и се здружија со свои врсници од регионот.

Во „Рома рок скул“ учениците учат соло пеење, читање ноти, музичка теорија и свирење на инструмент.

„Околу 15-тина Роми има дипломирани на Факултетот за музичка уметност во Скопје од основањето на факултетот. Тоа е премала бројка за толкав музички талент“, вели Салимовски.

Наставниците кои работат со овие ученици служат за да ги насочат, додека младите се тие кои ја користат својата креативност за создавање на музиката и текстот.

„Интересот е огромен кај децата. Пречката е во економската и социјалната состојба на родителите, бидејќи тие немаат можност да ги праќаат своите деца на приватни музички училишта и да им купат инструмент за вежбање дома. Тоа е огромен проблем и најчесто сите овие талентирани деца се откажуваат. Можам слободно да кажам дека се откажуваат од својот сон затоа што немаат можност да си купат инструмент“, забележа Салимовски.

Всушност, целиот овој проект тој го започнал од лично искуство.

„Отсекогаш сум сакал на тапани да свирам, но моите родители никогаш не можеле да си дозволат да ми купат инструмент. Првпат си купив мои тапани на 31 година, кога веќе се вработив. Такви случаи, особено тука во Шуто Оризари, има многу и доколку детето нема инструмент да вежба, брзо се откажува“, додава Салимовски.

„Станавме фамилија“

Од почетокот на пандемијата, учениците на „Рома рок скул“ вежбаат од дома преку онлајн комуникација со наставниците. На оние ученици кои немаат свој инструмент, организацијата им обезбедила.

„Станавме поголема фамилија. Сега се вклучија и многу повеќе деца, па секој со свој бенд. Тие што беа први сега се најголеми, а помалите ги гледаат како идоли“, се радува Салимовски.

За 17 април најави онлајн концерт на кој заеднички работеле со уште две школи.

Нивната кампања во моментов е активна преку платформата „Глобал гивинг“. За да учествуваат поднеле документи, пријави и проект, а се избрани меѓу илјадници други иницјативи за да бидат дел од акцелераторот.

Им остануваат уште 16 дена за да ја соберат минималната сума од 5000 долари и 40 донатори за да продолжат во наредната фаза каде ќе станат партнери на „Глобал гивинг“. Потоа, тие би можеле да прават и други кампањи со тоа што платформата ќе им помага во промовирање на проектот и организацијата.

Со средствата што ги собираат сакаат да набават инструменти за учениците, кирија за просторот, хонорари за наставниците и превоз за децата од Шуто Оризари до организацијата која намерно е отворена во централното подрачје на градот, за младите да се социјализираат и надвор од нивната заедница. Со кампањата, исто така, е предвидено да се ангажираат и дел од учесниците во првата генерација кои би биле инструктори за помладите.

„Овие средства не се доволни за цела година, но ја пуштивме кампањата за да пробаме дали можеме. Јас мислам дека ќе успееме да ги собереме“, се надева Салимовски.

Емилија Петреска