„Roma“ на Алфонсо Куарон jа доби главната награда на Венецискиот филмски фестивал

Црно-белата драма „Roma“ („Рим“) на мексиканскиот режисер Алфонсо Куарон, еден вид сеќавање на неговото детство во раните 70-ти години, доби „Златен лав“ на 75. издание на Венецискиот филмски фестивал, кој заврши синоќа.

„Roma“ се смета за досега најинтимно, персонално дело на Куарон. Приказната е врзана за двајца работници, кои неуморно се грижат за семејството од средната класа во населба од Рим.

„Оваа награда е неверојатно важна за мене“, рече на доделувањето на наградата Куарон, чиј 3Д научно-фантастичен филм „Gravity“ („Гравитација“) во 2013 се прикажуваше надвор од официјалната програма во Венеција, а потоа освои седум „Оскари“.

Изданието на „Нетфликс“ ја зеде главната награда меѓу 21 кандидати. Според бројни критичари, ова беше една од најсилните конкуренции на Венеција во изминатите години, каде претседател на жирито беше режисерот Гилјермо Дел Торо.

Гран при од жирито го доби историската црна комедија „The Favourite“ (Фаворитот“) на Јоргос Лантимос, грчкиот режисер кој на филмаџиите претходно им ги донесе незаборавниот „Dogtooth“, а потоа и „The Lobster“ и „The killing of a sacred deer“.

Оливија Колман, фото: ЕПА

Освен втората најпрестижна награда во Венеција, последното дело на Лантимос доби признание и за најдобра женска улога – Оливија Колман, портретирајќи кралица-дисфункционален монарх од 18 век.

Најдобар актер, пак, е Вилем Дефо кој го глумеше уметникот Винсент Ван Гог во филмот „At Eternity’s Gate” („Пред портата на вечноста“).

Наградата за најдобар режисер отиде кај французинот Жак Одијар за „The sisters brothers“ („Сестрински браќа“), вестерн со Жоакин Феникс и Џон Рејли како убијци.

Единствената жена режисер во официјалната програма, Џенифер Кинт ја доби специјалната награда од жирито за филмот The Nightingale („Славеј“). Овој одмазднички трилер го зема и признанието „Марчело Матројани“ за најдобар млад актер – Баикали Ганамбар.

Покрај Дел Торо, жирито на Венецискиот филмски фестивал го сочинуваа и  Силвија Чанг, Трине Дурлом, Никол Гарсија, Паоло Џеновезе, Малгоржата Шумовска, Таика Ваитити, Кристоф Валц и Наоми Вотс.

Целата листа на добитници ТУКА.