„Ролинг Стоунс“ денес го промовираат нивниот прв студиски албум по 18 години

„Ролинг Стоунс“ ќе го објават нивниот прв студиски албум по 2005 година, „Хакни дајмондс“ (Hackney Dimonds).

Албумот, како што пишува „Би-Би-Си“ ќе биде промовиран вечерва на настан во Хакни, местото кое е во „срцето на новиот албум“. Настанот ќе го води Џими Фелон, а ќе се пренесува директно и на Јутјуб.

Засега се шпекулира дека во албумот гостуваат Пол Мекартни, Стиви Вондер и Лејди Гага.

Најавата за промоцијата следи по нивната рекламна кампања во која логото на бендот се појави на неколку значајни објекти во Њујорк, Лос Анџелес, Лондон, Париз и други поголеми градови.

„Нов албум, нова музика, нова ера“, пишуваше трејлерот за кампањата.

На денешната промоција треба да присуствуваат тројцата преостанати членови на бендот, Мик Џегер, Кит Ричардс и Рон Вуд.

Ова е нивниот прв студиски албум со оригинални песни од 2005 година. Во 2016 година „стоунси“ го објавија „Блу енд Лоусам“ (Blue & Lowsome) во кој имаше ковери на Литл Волтер и Хаулин Волф.