Рок легендата Иан Гилан ќе одржи концерт во Скопје во ноември

Англиската рок легенда Иан Гилан, кој се смета за највпечатливите светски вокали на сите времиња, ќе одржи концерт во Скопје на 5 ноември во ВИП арената на Спортскиот центар Борис Трајковски, соопшти Аволон продукција.

Тој стекна светска слава како главен вокал и текстописец за Deep Purple. Во ноември, Гилан уште еднаш ќе ги запее познатите песни на групата, како „Smoke On The Water“, „Black Night“ и „Perfect Stranger“, во придружба со бендот на Don Airey и Македонската филхармонија, а под диригентство на Стивен Бентли Клејн.

Рок ѕвездата се уште активно настапува и распродава концерти насекаде во светот. Само минатата година тој настапи во 48 земји, со Deep Purple и како соло изведувач, велат од Аволон.

Со неговиот концерт, музичката продукциска куќа ќе ја затвори концертната сезона во Скопје за 2016 година.

Цените на билетите ќе бидат објавени во четврток, информираат од Аволон.