„Рок Кафана Рустикана“ од утре ќе донира по два денари од секој купен оброк или пијалак

Од утре во кафеаната „Рустикана“ започнува континуирана хуманитарна акција, објавија од локалот на Фејсбук.

Од утре па натаму, ќе ги корегираат цените за еден денар на сите артикли и истиот тој денар ќе оди во хуманитарни цели. Покрај тоа, и кафеаната на секој дониран денар од страна на муштериите, ќе додаде уште еден денар, па на тој начин со секој оброк или пијалак посетителите ќе донираат по два денари за хуманитарни цели.

Велат дека се надеваат дека акцијата ќе прерасне во движење кое ќе биде поддржано од повеќе угостители и хумани луѓе низ Скопје, но и низ Македонија.

Нивната цел, пишуваат, е да решиме по некој проблем, кој е во домен на нивните можности, па ќе одбираат случаи на кои вистински можат да им помогнат.

„Основната идеја ни е да помогнеме колку можеме, а притоа да разбудиме уште некој, па може во иднина заедно ќе направиме нешто што вистински ќе смени нечии животи на подобро. Нашите донации и акции ќе бидат транспарентно објавувани и искрено се надеваме дека ќе бидеме најдобронамерно сфатени и поддржани од сите вас“, велат од „Рустикана“.