Ројтерс: ЕУ ги почнува преговорите со С. Македонија и Албанија, стои во нацрт-одлуката на Унијата

Членките на Европската Унија постигнале договор за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, гласи нацрт-одлуката на Унијата која ја пренесе Ројтерс.

Оваа одлука се очекува да биде потврдена на утрешната средба на Советот за општи работи на земјите членки на ЕУ, а потоа и на Самитот на шефовите на влади и држави кој ќе се одржи на 26-ти и 27-ми март преку видеоконференција.

На оваа нацрт-одлука претходеше дебата на ниво на амбасадори во Европската Унија кои, според заклучоците, постигнале консензус за започнување на преговори со двете држави од југозападна Европа.

Според предлог заклучоците на Хрватското претседателоство, кои беа донесени изминатата недела недела, се очекува Советот за општи работи да ја повика Европската комисија да предложи нацрт рамка за преговори со двете држави што е можно побрзо, а најдоцна до јуни годинава.

Самитот на европските лидери се очекува да биде фокусиран на пандемијата на коронавирусот Ковид-19 и заедничката борба против заразата.