Родителски пленум бара засилено полициско присуство околу кампот

Родителскиот пленум информираше дека негови претставници, вчера утрото поднеле барање во ПС Центар, за засилено присуство на полицијата околу кампот и да дојде некој од Единицата за превенција, да им одржи показна вежба за справување со несакани ситуации. Барањето е проследено до СВР – Скопје, соопштија од Пленумот.

Вчера Родителски и Средношколски Пленум одржаа заеднички состанок на кој родителите ги споделија своите стравувања и сознанија за ситуацијата и своите предлози како да се реагира. Претходно, средношколците ги замолија своите малолетни соученици да не преноќат во кампот, кој синоќа се чуваше со зголемена претпазливост.

„Наше е да помогнеме да бидат и да се чувствуваат побезбедни, да нѐ има повеќе на дежурство таму, за и тие да може малку да отспијат. Да им носиме храна, за да не бидат гладни и нервозни. Да не ги оптоваруваме со шпекулации што не можеме да ги потврдиме. Разбирливо е што секој се сомнева во сѐ, но не мора тоа да го пренесуваме на децата. Со своите досегашни активности, тие покажаа дека се многу умни и разумни и способни за анализа на ситуацијата.“, велат од Родителски пленум.

Во однос на тоа кој ќе ја сноси вината во случај нешто да им се случи на средношколците, родителите велат дека дел од вината ќе носат и сите оние што свои коментари даваат само на социјалните мрежи, наместо да директно да ги поддржат, но и да вршат притисок врз училиштата и МОН да ги прифатат барањата на средношколците, со што тие би се вратиле во училиштата.