Родители на ученици од прво одделение во основното училиште „Григор Прличев“ во скопската населба Железара од денес не ги пуштаат своите деца да посетуваат настава. Причината за тоа, велат тие, е немањето услови за спроведување настава со продолжен престој.
Во нивната реакција тие појаснуваат дека кога ги запишале учениците пополниле анкетен лист за продолжен престој, кој е регулиран со Законот за основно образование. На почетокот од првото полугодие им било соопштено дека наставата ќе се одржува до 15 часот со еден наставник, кој е всушност замена поради породилно отсуство на редовниот наставник, а дека од второто полугодие наставата ќе се одвива со двајцата наставници заедно.
Но, по започнувањето на второто полугодие, кога одделението е во изолација и следи настава од далечина, на еден ден пред враќањето на редовниот наставник, на заменскиот наставник му завршил договорот за работа, а децата се вратија со настава од класичен тип.
„Бидејќи не добивме навремено известување и училиштето по своја волја си зеде за право одеднаш да ни ја скрати можноста за продолжен престој, побаравме средба со директорот на училиштето. Од таму добивме информација дека децата ќе бидат „згрижени” по 12ч. со луѓе од стручната служба и други одделенски наставници, кои ќе се менуваат секоја недела, со изговор дека не е обезбеден буџет за уште еден наставник од Министерството за образование“, гласи одговорот кој го добиле родителите од надлежните.
Од друга страна, родителите велат се задоволни од работата на заменскиот наставник.
„Нашите деца не се експерименти да ги причувуваат или згрижуваат останати вработени во училиштето, наместо да следат настава со продолжен престој. Нема да дозволиме нашите деца да бидат средство за манипулација заради недостаток на финансии“, реагираат родители на учениците од паралелката „Iа“.
Во реакцијата наведуваат дека бојкотот на наставата ќе продолжи до изнаоѓање прифатливо решение, согласно Упатството за настава со продолжен престој.
Нивната реакција ја упатиле и до МОН, директорот на училиштето како и одделенскиот наставник.