Да се оформи работно тело од родители и родителски организации во Министерството за образование и наука кое ќе ги решава првично проблемите кои произлегле од Концепцијата за основно образование, бара иницијативата „Учебници и настава мора да има”, чии претставници денеска се сретнале со министерот Јетон Шаќири.
Според претставничка на иницијативата, Драгана Спасевска, министерот начелно се согласил.
„Очекуваме дека министерството наскоро ќе го формира ова тело на родители и заеднички со министерот и ќе пристапиме кон решавање на бројните проблеми коишто ги остави претходната министерка Мила Царовска. Реформите треба да се по мерка на ученикот, со длабока анализа и ревизија на Концепцијата да се согледаат недостатоците, а потоа да видиме што треба, а што не треба. Тоа не може да се случи наеднаш, туку етапно и ќе има доста работа. Даваме време, но многу е важно родителите директно да бидат вклучени во МОН“, изјави Спасевска.
Покрај ова, нивниот предлог вклучува и формирање на Национална комисија за образование, како и анализи и подготовка на предлози за измени и надополнување на Законот за основно образование. Воедно, од иницијативата бараат ова тело да учествува во лобирање и обезбедување на општествена поддршка преку јавна расправа во Собранието.
„Тука треба да влезат институции, стручната фела – педагошки факултети, а не поединци како што беше претходно во работењето на МОН. Не да одлучуваат поединци и невладини сектори во МОН“, рече Спасевска.
Концепцијата за основно образование беше донесена во март, минатата година. Таа започна со прво и четврто одделение, а потоа етапно треба да ги опфати и другите одделенија. Околу 3.000 наставници за прво и трето одделение поминаа неколку обуки за да може да работат по неа.
Главната замисла на ваквата Концепција е учениците да учат на интересен, динамичен, игровен, но ефективен начин. Но, од иницијативата каде што е Спасевска велат дека досега добиле информации и аргументи дека Концепцијата не се спроведува како што треба.