Роденденско издание на Скроблер

Трета сезона, две години, тројца гости и два 2 часа музика. Вака го опишуваме денешното роденденско издание на музичката радио емисија Скроблер.

скроблер

Приказната започна како едночасовна неделна топ листа на артисти креирана од слушателите на Радио МОФ, членови на групата на Радио МОФ на социјалната мрежа Ласт.фм. Денес Скроблер претставува 60 минутно дружење со македонски артисти, визуелни уметници, глумци, диџеи, активисти, дизајнери и корисници на Last.fm мрежата.

Веќе две години, со многу ентузијазам, зад микрофонот во студио е Петар Антевски. Запрашан за почетоците на Скроблер, тој ќе одговори едноставно – „Идејата дојде од тогашната опседнатост со ласт.фм и непрекинатата желба за слушање нова музика“.

Скроблер е микс од многу љубов, труд, малку мрза, трема, нервоза, забава и многу музика. Низ овие две години вечерните часови за време на Скроблер, по вина на Петар, беа исполнети со различни стилови музика и вечни „off air“дебати за постоењето на инди рокот со техничката поддршка – Були.

Лани за првиот роденден се частевме со музиката на Соња Исмаил и до сега во Скроблер, со свој музички избор, гостувале Зоки Бејбе, Индог, Кристина Леловац, Инес Ефремова, Велимир Жерновски, Ана Мало и многу многу други насмеани, ведри и забавни ликови од скопското секојдневие

Овој вторник го славиме вториот роденден заедно со Артан Садику, Јана и графити артистот Хром. Закачете се на првиот двочасовен Скроблер во епизодата The Twonight Show со почеток во 20 часот.