Роденденска Критична маса – две години БитолаНаТочак

Вело заедницата од Битола најавува роденденска Критична маса во четврток (28 април). По повод вториот роденден ќе бидат огганизирани неколку настани во текот на денот како трибина НаТочак, изложба и забава за луѓето кои го користат велосипедот како превозно средство низ градот.

Критичната маса се вози под мотото „Преброј се – две години БитолаНаТочак“, а ќе започне во 18:00 часот пред Бар Чаршија.

„Извозени 25 критични маси, направено прво вело – истражување со опфат од над 200 луѓе, подигната јавната свест на населението и надлежните носители на одлуки, реализирани три донации на вело – паркинзи за 150 велосипеди, предавања за вело транспорт во основните и средните училишта со 700 ученици, трибини, консултации со надлежните, нудење конкретни решенија и мерки за намалување на загадувањето и за зголемување на безбедноста во сообраќајот“, се дел од активностите на БитолаНаТочак изминатите две години.

Граѓанската иницијатива има цел да ја подигне јавната свест во Битола за урбаниот транспорт, со фокус на користењето на точакот како одржлива форма на транспорт која не загадува и која може да се користи насекаде во нашиот град и во секоја пригода. Главните цели на иницијативата се планирање на јавниот простор од аспект на потребите на граѓаните, а не од аспект на автомобилите, лобирање за изградба на пристојна вело инфраструктура, но и изнаоѓање решенија за зголемување на безбедноста во сообраќајот и за решавање на сообраќајниот метеж.