Роботи кои ја менуваат формата може да станат реалност

Роботи слични на Терминаторот Т-1000 можеби навистина ќе постојат, откако научници дојдоа до значајно откритие за течните метали.

„Со користење на најзначајните нешта кои ги откривме, возможно е да се изгради 3Д метален хуманоид, како Т-1000 од филмот Терминатор“, вели професорот Курош Каланта-задех, дел од истражувачкиот тим на РМИТ Универзитетот на Мелбурн, кој работел на истражување на течните метали.

Истражувачите успеале да создадат самоуправувачки пумпи кои го менуваат обликот на металот. Велат дека техниката може да се искористи за создавање на електронски уреди кои се однесуваат како живо ткиво.

Во филмската франшиза „Терминатор“, роботот е речиси неуништив, бидејќи за кратко време може сам да ја поправи секоја штета која му е нанесена. Може да го менува и изгледот, да се лизга под врати или да помине низ решетките на затворска ќелија.

Моменталното истражување, сепак, е многу подалеку од толку комплексни можности.

„Ја прилагодивме концентрацијата на киселини, бази и компоненти на сол во водата и го истраживме ефектот. Едноставно преку изменување на хемијата на водата, успеавме да направиме капките на течен метал да се движат и да го менуваат обликот, без потреба од екстерни механички, електронски или оптички стимулатори“, објаснува Калантар-задех.

Сепак, тој признава дека нивото на програмирање кое е потребно за да се изгради течен метален робот,  е далеку покомплицирано од моменталниот метод.