Роботи ќе помагаат на јапонските основци во учење англиски јазик

Роботи кои „зборуваат“ англиски од идната учебна година ќе бидат дел од образованието на јапонските ученици и нивните учители во помош за унапредување на нивното знаење.

Јапонците генерално се лоши во говорењето и пишувањето на англискиот јазик, па министерството за образование планира пилот проект вреден 250 милиони јени (околу 230 илјади долари) кој би помогнал во подобрување на употребата на странскиот јазик.

„Роботите со вештачка интелигенција, кои се веќе на пазарот, имаат разни функции. На пример, можат да го проверат изговорот на англиските зборови на учениците, што понекогаш и на учителите им претставува тешкотија“, изјавил за Франс Прес неименуван службеник од министерството.

Јапонските училишта традиционално се соочуваат со проблеми во пронаоѓањето на квалификувани наставници по англиски јазик, а со овој пилот проект се предвидува да бидат вклучени околу 500 училишни одделенија.

Сепак, роботите немаат да бидат единствена мерка. Учениците преку овој проект ќе добијат и апликации за таблети и смартфони со лекции од говорници на кои англискиот им е мајчин јазик.

За две години Јапонија ќе почне со нова учебна програма со која ќе биде задолжително учење на англиски јазик од 10-годишна возраст. По досегашната програма, англискиот е задолжителен за ученици од 12 до 15 годишна возраст.