Роботи ќе одгледуваат зеленчук во Јапонија – прва целосно автоматизирана фарма во 2017

Јапонската компанија „Spread“, која во 2006 отвори внатрешен расадник каде се одгледува салата за 2 000 маркети низ Токио,  најавува дека до 2017 година целосно ќе ја автоматизира својата работа.

Идејата е да се направи фарма во која нема да има работници, туку тие ќе бидат заменети со роботи што ќедат програмирани да го извршат целото производство, од садење семки, пресадување, одгледување на зеленчукот, па се до автоматски пренос на зеленчукот до возилата за дистрибуција.

Со автоматизацијата се очекува и дополнително да се зголеми производството. Производителите очекуваат ваквиот модел на целосно автоматизирани внатрешни расадници да стане модел на иднината во развиените држави поради бројните предности. Една од нив е заштитата на животната среднина бидејќи ваквите фарми ќе трошат помалку вода, а новите технологии овозможуваат рециклирање на 98% од искористената вода. Најавен е систем на осветлување базиран на обновливите извори на енергија, а лесно ќе се контролира и температурата, влажноста и степенот на јаглерод диоксид, неопходни за оптимален развој на билките.

Бидејќи расадниците се од затворен тип, не се потребни хербициди и пестициди, а со тоа што билките нема да имаат допир со човекот се очекува и поголем хигиенски стандард.Целосната автоматизација, од друга страна треба да влијае и на намалување на цените, посочуваат од јапонската компанија.

Од „Spread“ очекуваат нивната фарма да биде новиот модел кој ќе доведе до целосно роботизирано производство на зеленчук во иднина.