Роботи им помагаат на италијанските лекари во справувањето со коронавирусот

Томи е еден од шестте нови роботи кои им помагаат на лекарите и медицинските сестри за грижата на пациентите во болницата Чирколо во Варезе, град на северниот дел од областа Ломбардија која е епицентарот на вирусот во Италија, пренесува Ројтерс.

Томи не носи маска, но помага во спасување на животите на пациентите заразени од коронавирусот.

„Со помош на мојата способност, медицинските работници можат да бидат во контакт со пациентите без директен допир“, објаснува Томи на новинарот на „Ројтерс“.

Роботите со големина на дете, со големи трепкави очи се наоѓаат веднаш до креветите на пациентите, како лекарите би можеле да се грижат за другите кои се во посериозна состојба. Тие ги пратат параметрите од опремата во просторијата и им ги пренесуваат на болничкиот персонал.

Најважно е што Томи и останатите роботи им овозможуваат на болниците да го ограничат директниот контакт на лекарите и медицинските сестри со пациентите, па на тој начин да го намалат и ризикот од инфекција.

Роботите исто така им помагаат на болниците да се намали бројот на заштитни маски и одела кои персоналот мора да го користи. Томи и неговите „колеги“, роботските медицински сестри не можат да се преморат. Брзо ги полнат батериите и се враќаат на работа.

Повеќе од 4.000 здравствени работници во Италија се заразени, а досега починаа 66 лекари. Бројот на смртни случаи во Италија, земјата која е најтешко погодена од коронавирусот, денеска се искачи на 13.000, што претставува една третина од сите смртни случаи во светот.