Роберт Де Ниро: Мојот живот со геј татко

Познатиот холивудски актер Роберт Де Ниро во искрено интервју за „Out“ магазин говори за својот починат татко за кого сними и документарен филм.

Роберт Де Ниро: Мојот живот со геј татко

Иако е најпознат по улогата на гангстери, полицајци, боксери и мафијаши, Роберт Де Ниро ретко говорел за својот семеен живот. Сепак, пред премиерата на документарецот за својот татко “Remembering The Artist Robert De Niro Sr.” која е закажана за јуни на телевизијата HBO, Оскаровецот даде едно исклучително искрено интервју за  магазинот „Out“.

Актерот го опишува својот татко, кој починал од рак на белите дробови пред 20 години, како голем уметник, збунет за својата сексуална ориентација. Неговиот татко ги напуштил него и неговата мајка бидејќи не можел повеќе да живее во лага, откако си признал себеси дека сака мажи.

„Веројатно бил во конфликт сам со себе, посебно кога ќе земеме во предвид каква генерација беше таа. Како мал не бев премногу свесен за тоа. Би сакал да разговаравме многу повеќе за тоа. Мојата мајка генерално не збореше многу, а мене во тие години тоа не ме ни интересираше“, вели актерот.

Признавајќи дека таа тема го прави емотивен, седумдесетгодишниот актер вели „ Не бевме татко и син кои играат заедно кошарка. Но имавме некоја специјална врска. Не поминував многу време со него, бидејќи се разведоа со мојата мајка. Сепак, како што кажувам во документарецот, секогаш се грижев за него. Ме обожаваше, исто како што и јас ги обожавам моите деца“.

Роберт Де Ниро приказната за својот татко ја раскажа благодарение на читањето на неговиот дневник, за кој се уште не стигнал да го прочита до крај. Кога го прашале дали со овој филм му оддава признание на својот татко, тој одговори дека тоа му е обврска.

„Сакам моите деца да застанат за момент и да сфатат дека некои работи мора да ги направат сега наместо подоцна, затоа што подоцна може да биде 20 години од денес, а тогаш е премногу доцна“, заклучува легендарниот актер.

Извор: Б92