Роберт Де Ниро, Мајкл Мур, Шер и Алек Болдвин на протест спроти инаугурацијата на Трамп

Вечерта спроти инаугурацијата на Доналд Трамп во нов американски претседател, илјадници луѓе во Њујорк, но и во Вашингтон протестираа против мултимилјардерот. Меѓу демонстрантите во Њујорк имаше активисти, политичари, граѓани од различни социјални слоеви, а пред зградата на Трамп се собраа и ликови како Мајкл Мур, Роберт де Ниро, Шер, Алек Болдвин, Сели Филд, Марк Рафало…

Актерот Роберт де Ниро, обраќајќи им се демонстрантите, истакна дека Трамп е лош пример како за земјата, така и за Њујорк.

„Што и да се случи, ние Американците, њујорчаните, ние патриотите застануваме заедно за правата на нашите граѓани“, потенцираше Де Ниро.

Градоначалникот на Њујорк, Де Блазио, деклариран противник на Трамп особено околу прашањето на доселувањето, порача дека: „Ние немаме страв од иднината. Ние застануваме заедно, сигурни дека нема омраза во нашиот град, во кој било град“.

Режисерот Мајкл Мур беше еден од оние кои потсетија дека во изборите во ноември Трамп не го добил мнозинство гласови од граѓаните, туку од електорите. Оттука, тој пред присутните нагласи „Ние сме мнозинство. Тој нема да остане на власт четири години“.

Пејачката и актерка Шер, пак, пред насобраните граѓани потенцираше дека живеела низ време на 12 претседатели, па апелираше демонтрантите својата лутина да ја искористат за добри нешта.

„Моќта на луѓето е поголема од тие се***ци во Вашингтон. Пробав да не пцујам, но тоа сум јас. Можете да го прометите ова. Ветувам“.

Фото: New York Daily News