РК Вардар е новиот европски шампион

финалето на ракометната Лига на шампиони, го совлада Пари Сен Жермен со 24:23. Победничкиот погодок во последната секунда го постигна Иван Чупиќ.

Македонија го доби првиот европски ракометен шампион во машка конкуренција и по 15 години повторно има екипа континентален првак.

Ракомет со цврсти одбрани демонстрираа двете екипи во првото полувреме во кое вардарци во најголем дел беа во водство, но на пауза се отиде со еден гол предност за францускиот тим. ПСЖ водеше само на почетокот на првиот дел со 1:0 и на крајот со 12:11. „Вардар“ не издржа и покрај тоа што го контролираше резултатот до 25. минута кога водеше со 10:8, а во два наврати имаше и плус три (5:2 и 7:4) во 10. и 20. минута.

Слично почна и второто полувреме со жестоки дуели на двете страни, но за разлика од првиот дел нападите побрзо завршуваа, а таквата игра му одговараше на „Вардар“ кој во 37. минута ја вратија предноста од два гола (15:13). Следуваа минути кога парижаните играа со играч повеќе во поле и празен гол, тоа го искористија нашите ракометари со два погодока од својата половина и во 44.минута семафорот покажуваше 20:17 за избраниците на Раул Гонзалес.

„Вардар“ влезе во серија од шест без постигнат гол, но одбраната беше на ниво и водството остана. Во 50. минута резултатот беше 21:19. Со мини серија од 2:0 ПСЖ изедначи на 21:21 во 53. минута и навести драматична завршница.

Со голот на Вуко Борозан во 56. минута „Вардар“ поведе со 23:21. На две минути пред крајот парижаните намалија на 23:22. Вистинска драма се случуваше во последните една и пол минута. Најпрво Лука Циндриќ изнуди исклучување на Лука Карабатиќ, потоа Дибиров не реализира удар од крилна позиција. ПСЖ погоди на седум секунди до крајот за 23:23. По тајм-аутот на Гонзалес, „Вардар“ изведе брза акција кој заврши со гол вреден европски трон.

Тимур Дибиров со 7 голови беше најефикасен во македонскиот состав, Циндриќ и Борозан постигнаа по 3, исто толку даде и Чупиќ меѓу кои и победничкиот со звукот на сирената.

Кај ПСЖ најефикасен беше Никола Карабатиќ со 5 погодоци.

Во меч за третото место Веспрем ја победи Барселона со 34:30.