Ризик за здравјето: Корисниците веруваат на „Google“ без да ги проверат советите поврзани за здравјето со лекари и стручни лица

Google ги става луѓето во ризик од штета со тоа што ја намалува важноста на предупредувањата дека медицинските совети од неговата вештачка интелигенција (ВИ) можат да бидат неточни. Кога корисниците бараат информации за здравје, компанијата ги прикажува препораките над резултатите од пребарувањето, кои упатуваат на консултација со професионалци. Меѓутоа, истражувањето на Guardian покажа дека предупредувањата не се видливи веднаш, туку само кога корисникот кликне на копчето за прикажување повеќе резултати. Дури и тогаш, предупредувањата се прикажуваат со помал и полесен фонт, на крајот од текстот.

Стручњаците за ВИ и застапници за пациентите предупредуваат дека ова создава ризик. Дури и најнапредните модели можат да даваат неточни информации, а корисниците може да не дадат доволно контекст или да постават погрешни прашања. Проф. Пат Патаранутапорн од MIT вели дека отсуството на видливи предупредувања на почетокот создава опасност, бидејќи корисниците автоматски веруваат во содржината.

Гина Неф истакнува дека проблемот е системски: Алатките се дизајнирани за брзина, не за точност. После истражувањето на Гардијан, Google ги отстрани овие алатки за дел од медицинските пребарувања, но не за сите. Стручњаците бараат предупредувањата да бидат на врвот на страницата, јасни и со истиот фонт како и останатата содржина, за корисниците веднаш да знаат дека информациите треба да се проверуваат со медицински професионалци.

Том Бишоп нагласува дека ова е клучно за да се избегне реална штета: предупредувањето мора да ги поттикне луѓето да го проверуваат советот со својот медицински тим, наместо да се потпираат само на ВИ, пишува Гардијан.

Фото: Архива